МИНИСТЕРОТ ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ГОРАН МИЦКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА БИТОЛА

МИНИСТЕРОТ ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ГОРАН МИЦКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА БИТОЛА

Министерот за привлекување странски инвестиции Горан Мицковски денеска ја посети општина Битола и одржа состанок со градоначалникот Владимир Талески, претставници на локалната самоуправа и бизнисмени.
Мицковски нагласи дека има намера да помогне и придонесе за повеќе инвестиции во Пелагонија.
„Сакам повеќе инвестиции во овој крај, да заживее економијата, да запре миграцијата и да донесеме солидни бизниси. Да ја ставиме Битола на мапата на поголемите бизнис компании од светот, истакна министерот кој во придружба на градоначалникот  Талески ги посети и големата германска инвестиција „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона „Жабени“  но и ЗК Пелагонија каде исто така, во завршна фаза е една нова голема инвестиција.
„Нашиот тим работи глобално, според анализите каде што има потенцијал за обезбедување инвестиции и вложувачи би инвестирале тука. Не е исклучена и дијаспората за што водиме разговори со бизнисмени од повеќе држави, а јас лично би сакал да има инвестиции од Австралија, но и од други земји“, рече Мицковски.

На средбата беше посочено дека Битола е веќе докажана дестинација за странските инвеститори во Македонија и одлична можност за успешно водење на нивниот бизнис. Овој тренд потребно е да се задржи и надгради, со промовирање на активните мерки кои Владата ги нуди за привлекување на инвестиции, со неуморно презентирање на македонските економски можности пред секоја позначајна компанија во светот и со работа на терен која ќе овозможи изградба на инфраструктура соодветна за инвестирање.
Градоначалникот Талески потсети на релациите и успешната соработка меѓу општината и Владата за привлекување директни странски инвестиции и за подобрување на инвестициската политика.
„Постигнатите резултати се благодарение на поволностите што ги даваат Владата и општина Битола. Во „Кромберг и Шуберт“ ќе биде прославено двеилјадитото вработување, а наскоро таму ќе почнат со изградба на нова хала за нови 1.500 нововработени. Во ЗК „Пелагонија“ се инвестирани над 17 милиони евра за изградба на гасни централи и фарма, со што се потврди дека имаме услови за инвестирање од страна на странските, но и домашните инвеститори“, изјави Талески.