Филмаџии од Холивуд ќе инвестираат во проектот „Битола филмски град“

Филмаџии од Холивуд ќе инвестираат во проектот „Битола филмски град“

 
Перси вон Лепински претставник на американската компанија за производство и дистрибуција на филм „Infinity Pictures – Hollywood Media Bridges“ со своја канцеларија во „Universal Studios“ во Холивуд, оствари средба со градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески, а потоа и двајцата на прес конференција соопштија дека филмаџиите од Холивуд ќе инвестираат во проектот „Битола филмски град“.
 
„За време на дводневната посета на Битола се уверивме дека во овој град постојат најдобрите услови за реализација на нашите филмски проекти, бидејќи за тоа има конкретен план и проект“, посочи продуцентот Лепински на вечерашната прес конференција.
 
„Нашата компанија произведува филмови во Романија, но сега сакаме тоа да го правиме во Македонија. Ќе инвестираме со наши пари, а очекуваме и владина поддршка. Македонија е атрактивна за нас, има локации на кои може да се снима во урбана или природна средина кои се погодни за снимање на различни теми. Битола е најпогодна за нашиот бизнис и очекувам наскоро градоначалникот Талески да биде наш гостин во Холивуд каде ќе ги договориме деталите за нашата инвестиција, изјави Лепински.
 
Општина Битола, согласно урбанистичкиот план во поранешната касарна, на површина од 4 хектари има соодветен простор за изградба на филмско студио, а на располагање се и други 50 хектари слободни површини, потсети градоначалникот Владимир Талески на средбата со Лепински.
 
„Сакаме Битола да биде филмски град, а во тоа ќе ни помогне оскаровецот Лепински кој понуди снимање на документарен филм, снимање на игран филм во кој ќе настапи светски познатата филмска ѕвезда Мерил Стрип и изградба на филмско студио. Ние сме најподготвената општина во Македонија што може веднаш да пристапи кон изградба на филмско студио, а инвеститорите забележаа дека токму овде има ресурси и други потенцијали за снимање филм. Договоривме конкретна и креативна работа, лобиравме нивната дејност од Романија да се пренесе во Македонија, односно во Битола, во градот кој има јасен концепт за вистински филмски град, изјави градоначалникот Талески.
 
Талески и Лепински потврдија дека со реализацијата на овој проект директно и позитивно ќе се придонесе во развојот на хотелиерството, угостителството, туризмот и други дејности кои директно или индиректно се поврзани со филмската индустрија.