ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ДВОСИСТЕМСКИ ДАЛЕКУВОД ВО ФИНАЛНА ФАЗА

ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ДВОСИСТЕМСКИ ДАЛЕКУВОД ВО ФИНАЛНА ФАЗА

МЕПСО ги завршува активностите за ставање во функција на новиот двосистемски 110 kV (киловолтен) далекувод што ги поврзува трансформаторските станици „Битола 3“ и „Битола 4“. Станува збор за инвестиција вредна над 2,4 милиони евра.
Со ставањето под напон на оваа инвестиција во енергетски прстен ќе се поврзат сите 4 трансформаторски станици поврзани на преносната мрежа во битолскиот регион со што во иднина ќе се сведе на минимум ризикот од испади, констатираа вицепремиерот Владимир Пешевски, Синиша Спасов, генералниот директор на МЕПСО и Ацо Ристески, директорот на Операторот на преносната мрежа при работната посета, денеска на трасата на новиот далекувод.
„Целта на новиот двосистемски 110 далекувод, кој се очекува да биде завршен до почетокот на септември оваа година, е да се подобрат напонските услови и зголеми доверливоста и безбедност на енергетското снабдување во пелагонискиот регион. Владата на Република Македонија има големи инвестициони планови и проекти наменети за изградба и ревитализација на инфраструктурата во електроенергетскиот сектор. Покрај на овој проект интензивно се работи и на реализиацијата на 400 kV интерконективени далекуводи Штип – Ниш и Битола – Елбасан, изградбата на двосистемскиот 110 kV далекувод на челично решеткасти столбови ХЕЦ Вруток – ТС Тетово 2, проектот за ревитализација и модернизација на преносната мрежа и управување со електроенергетскиот систем како и на низа други проекти, наменети за унапредување на инфраструктурата на македонскиот електроенергетскиот сектор, изјави вицепремерот Пешевски. 
 Овој далекувод е долг 10 километри, од кои 700 метри се подземен кабел што минува низ населбата Нова Битола.
„За прв пат во својата преносна мрежа МЕПСО постави подземен кабел кој ги заменува далноводните столбови и проводните јажиња. Потребата се наметна заради тоа што трансформаторската станица се наоѓа во населба во Битола и целта беше да избегнеме да се поставуваат столбови и проводници во населено место, изјави Ацо Ристески, директор на ОПМ.
Општина Битола ги обезбеди потребните услови за реализација на овој проект за кој градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески изрази голема благодарност до Владата на Република Македонија и МЕПСО.