СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА ВО ТРНОВО

СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА ВО ТРНОВО

Илинден зафаќа најголемо место и е длабоко вкоренет во срцата и во свеста на Македонците, истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и го поздрави обединувањето на македонските организации кои за прв пат одржаа заедничка семакедонска средба во потпелистерското село Трново.
На собирот што го организираа Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија-Битола, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и Светскиот македонски конгрес, Канческа Милевска посочи дека Владата на Република Македонија неуморно работи за економски просперитет континуирана промоција на нашата држава на меѓународен план, но и води грижа за Македонците во Светот.
Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, честитајќи го големиот празник Илинден, како покровител на заедничката средба нагласи дека вака обединети пораките испратени од Трново имаат вистинска смисла и цел.
На заедничката Семакедонска средба што се одржа во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ свои обраќања имаа претставници на македонските здруженија и организации, Васко Наумовски пратеник од дијаспората, а собирот го благослови архимандритот Никодим Царкњас.