НАУМ – Животниот пат на Уни ќе биде сосема поразличен од оној на неговите браќа. Фотографскиот занает ќе го усоврши живеејќи и работејќи во Белгија и С.Америка. Во Битола се враќа како изграден и искусен фотограф и за кратко време ќе стане реномиран и доста баран од битолчани, посебно изработувајќи таблоа за средните училишта.
Роден е на 09.06.1929 година во с.Маловишта. Во раната младост почнал да го изучува занаетот од неговите браќа, кои длабоко биле навлезени во истиот. Почетоците ги прави во фотографското ателје на Трифун ФОТО ТЕХНИКА и ателјето на ФОТО ФИЛИП на ул.„Никола Тесла“.
Од 1956 година илегално ја напушта Битола, преку југословенско-грчката граница и извесно време ќе помине во логорот Лаврион, каде минимално заработувал од фотографирање. Во 1957 година му се отвора можност за емигрирање во Белгија. Таму исто така започнал да заработува од фотографирање и работел како портретист за сопственици на фотографски фирми.
Во 1961 година емигрира во С.Америка. Во почетокот се до наоѓањето на работа, бил прифатен и издржуван од една протестантска црква. Условите за живот ќе го натераат сам да се снаоѓа и да заработува за живот, во државата Охајо. Во почетокот работел на одредено време , а потоа во една лабораторија на фотографи аматери по 3-4 часа дневно. Постојано бил во потрага по подобра егзистенција, па постојано се префрлал од град во град. Работел на она што го знаел најдобро – фотографскиот занает и бидејќи сакал да се докаже во работата, се случило истата да ја изгуби, како што бил случајот со сопственикот на студиото, по потекло Евреин, кој сакал да работи повеќе саати за истата плата. Комуникативноста, што е карактеристика за семејството Карабатак, ќе му помогне да се запознае со еден Евреин кој му помогнал со тоа што му направил реклама за еден неделник, дека Европјанин од Југославија, со 30 годишно искуство е најдобар ретушер, по што добил работа и практично неможел да престане, бидејќи добивал работа од цела Америка. Работел исклучиво на ретуширање, добивал негативи ги ретуширал а потоа ги враќал.
Заради едноличноста во работата, се вработува во друго големо студио каде ги применувал сите техники до финалниот производ – сликање, ретуширање, копирање. Се префрлува во Синсинати – Охајо, каде наоѓа работа за поголема заработувачка и тука ќе остане 18 години. Сопственикот на студиото, задоволен од неговата работа му препуштал сам да слика, по што му организирал изложба во Коломбос – Охајо. За оваа изложба бил прогласен за фотограф на годината и награден во Охајо.
Наум Карабатак Уни
Оскар за фотографија 1966
Во Битола се враќа во 1980 година, а во 1982 година отвора студио по име ФОТО УНИ на локација каде претходно било студиото на неговиот брат Филип. На оваа локација ќе се задрши до 1987 година, кога студиото го префрла во сопствената куќа на ул.„Бранислав Нушиќ“ бр.10, Работи се до пензионирањето во 1991 година.