БИТ ФЕСТ: ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „СО ПРОШТЕНИЕ“ ОД ДОБРЕ ТОДОРОВСКИ

БИТ ФЕСТ: ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „СО ПРОШТЕНИЕ“ ОД ДОБРЕ ТОДОРОВСКИ

Во НУУБ Свети Климент Охридски беше промовирана книгата „Со проштение“ од Добре Тодоровски. Расказите се тематски сврзани за нашето поднебје, со неизбежен опис, на битисувањето на човекот во еден ист простор. Но, тука се и оние непредвидливи моменти кога ,,појакиот” ќе посегне по честа на другиот. Забележлива е една посебност која авторот го одвојува од останатите, по неговиот народен израз, кој во секој од расказите внесува душа, оживува. Ваквиот пристап во творештвото во македонската литература, го направиле мал број автори кои се значително забележени и котираат во самиот врв  на македонската литература.
            Привлечноста во раскажувачкото можеби најуверливо го прикажува постапното прикажување на ликовите, вклучувајќи го нивниот физички и психички изглед, како и настаните кои се опсервација на писателот…
            Расказите ,,Со проштение” се жива приказна, приказна што се доживува, извира и истекува од македонската напатена душа низ расточените животни патишта на луѓето од мојот род. Прикази за пролеаната солза и крв во жарот и желбата да се биде свој на своето. Се оживува минатото како опомена за сегашноста во овој алчен свет наспроти кроткиот живот на нашите мудри претци. Опис на настани, досетки, мудрувања, случувања но и судири со суровите настани кои овде како бури минувале и заминувале…
            ,,Со проштение” е збирка на духовни возбуди и доживеани настани, на досетки и мудрости, на оттргнати од заборав јунаци, кои, како народни мудреци минувале низ нашите предели. Нивните животни патешествија се обликувани со колоритен и лесно приемчив јазик на широк круг на читатели…“ се вели во рецензијата на Раде Силјан.