Незаборавна вечер на БИТ ФЕСТ. Преполн простор на Пациото во Завод и Музеј. Над 1000 гости уживаа и се забавуваа со исклучителните и воодушевувачки вокали на Марија Мирковиќ, Наташа Михаловиќ, Јелена и Невена Буча надополнети со две акустични гитари. Прекрасниот вкус за костимографија, големата интеракција со публиката, вештината да се препознае она што го сака и очекува публиката направија една извонредна атмосфера реализирајќи го најдобриот музички перформанс.
Свои композиции, обработки, „Чукни во дрво“ од Влатко Стефановски и многу други. Низ своите исклучителни вокални можности ги „донесоа“ на сцената Нина Бадриќ, Тереза Кесовија и многу други.
The Frajle се женски акустичен состав од Нови Сад. На интересен и специфичен начин пред битолската публика го претставија начинот на кој доаѓа нивното име…кое на почеток било многу различно од сегашното.
Од летото 2009 год. четирите членки на бендот одлучиле да ги здружат свите сили, неверојатни вокали и музички таленти што за помалку од година дена ги одведе до неверојатен успех. Потеклото на името на бендот е од германскиот збор ,,Fraulin,, што значи госпоѓица. Според критичарите и нивните фанови името на бендот во целост го отсликува нивниот музички стил. Фрајле се познати по својот специфичен начин на изведување, а во нивните авторски песни се чувствуваат елементи од музиката од сите страни на светот. Овие четири дами успеаа сето тоа да го соединат во еден музички правец. Нивниот облик на музички настап е возбудлив како за клубската така и за концертната публика, со што ги освојуваат Мира Адања Полак, Александра Радовиќ, Зоран Кесиќ, Ана Станиќ, Војкан Борисављевиќ и др.
Со преку 100.000 гледаност на поставените обработки на Youtube, Фрајле ги поместија границите не само на кавер свирките туку и музичката сцена на нашите простори. Публиката го знае нивниот авторски материјал од нивните настапи. Секоја од четирите девојки има специфично и мошне интересно животно мото (повеќе на www.frajle.com)
Четири девојки и еден прекрасен концерт – Фрајле ќе останат запаметени оставајќи силен печат на БИТ ФЕСТ 2014.