ПРИМАРНА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАДНА ПЛАСТИКА

ПРИМАРНА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАДНА ПЛАСТИКА

Во Брусничка населба денеска беа донирани 500 контејнери на 500 домаќинства со што беше означен и официјално почетокот на проектот за примарна селекција на отпадна пластика која на овој начин ќе ја вршат и индивидуалните домаќинства. Реализацијата на овој проект ќе продолжи во целата општина:
„Тука имавме претходно интервенција и на резервоарот во населбата, но и неколку други интервенции. Неодамна ја завршивме изградбата на две патеки во должина од 250 метри и вкупна вредност околу 500 000 денари. Денес имаме нов повод. Јавното претпријатие Комуналец наоѓа начини што повеќе наши граѓани да можат да се вклучат во таа акција за селектирање на отпад, односно собирање на пластика. Покрај тоа што големите контејнери се поставени секаде каде што имаме згради, сега секое индивидуално домаќинство ќе може да го селектира отпадот. Ова е првата акција со првите 500 кои ни се донација. Понатаму со директорот ќе најдеме начин да обезбедиме за сите 10 000 домаќинства, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески кој при посетата на населбата се сретна и со повеќе граѓани со кои се разговараше за нивните понатамошни приоритети.
„Започнуваме со примарна селекција на ПЕТ отпад, односно пластиката ќе се селектира во секое домаќинство кое што ќе добие бесплатно по еден сад од 120 литри по теркот на развиените земји каде што ова многу одамна се практикува. Крајната цел е зголемување на квалитетот на животната средина. Бенефитот од селектирањето на отпадот од пластика е голем затоа што по нивното распаѓање и по повеќе од 100 години иако не се наоѓа во ваша непосредна близина сепак се наоѓа на сите депонии, така што мислам дека ова иако е почеток мислам дека ќе наиде на добра согласност кај самите граѓани, изјави Зоран Соклевски, директор на ЈКП Комуналец.
Донатор на денешните 500 контејнери е друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“, а мештаните од оваа населба ја поздравија акцијата, нагласувајќи дека како резултат на досегашната соработка со локалната самоуправа реализирани се повеќе проекти во Брусничка населба, кои значително го подобрија квалитетот на живеење во населбата.