БИТОЛА ПРОДОЛЖУВА СО ПОМОШТА ЗА СРБИЈА И БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

БИТОЛА ПРОДОЛЖУВА СО ПОМОШТА ЗА СРБИЈА И БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Градоначалникот на општина Битола, почесните конзули на Србија и БиХ, претставници на општинската организација на Црвен крст – Битола, претставници на македонско – српските и други здруженија, денеска во општина Битола одржаа заеднички координативен состанок во насока на голема и ефикасна организација за помош на нашите соседи после големата катастрофа во Србија, Босна и Херцеговина и дел од Хрватска. Изминатите денови Битола покажа дека навистина е космополитски град, а така треба да се продолжи и следните денови, но хуманоста ќе го даде вистинскиот резултат само доколку се соберат најпотребните средства и истите се достават на вистински начин и место:
„Изминатите денови се организираме на различни начини да помогнеме. Пуштени се пет шлепери со вода и постојано сме во контакт со кризниот штаб на Република Македонија, ЗЕЛС, разговарав со нашите збратимени градови, нашите пријатели од Србија за она што е најитно и треба да се достави. Изминатите денови имаше невладини организации, здруженија кои што помошта ја собираа, а се разбира тоа го правеше и најнадлежниот – Црвениот крст. Се појавуваме во јавноста со апел до граѓаните кои што можат и сакаат да помогнат, како тоа да го направат. Се прави посебна жиро сметка која што ќе претставува потсметка на црвениот крст и ќе се однесува на Битола, второ, ги договоривме пунктовите. Се што ќе се собере организирано се доставува преку црвен крст на Република Македонија таму каде што е помошта најпотребна, а за тоа одлучуваат црвениот крст и кризниот штаб кои што се во постојан контакт со луѓето од настраданите подрачја. Ова нема да биде само една акција. Сега е потребна помош, но потоа во расчистувањето ќе биде потребна дополнителна помош. Јас сум сигурен дека Битола ќе покаже хуманост и солидарност, а општина Битола стои на располагање со се што е потребно, затоа што ова можеше да биде и обратно, а тогаш сигурно нашите соседи немаше така да не остават“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Црвениот крст во Битола има четири пунктови на кои граѓаните можат да донираат и тоа: пред просториите на Црвен крст во Битола, на плоштадот Магнолија и пред маркетите Веро на Широк Сокак и во Нова Битола. Исто така, останува и собирањето на донациите на претходните две локации кои беа објавени од македонско српските здруженија, односно кај зградата на конзулатите на Широк Сокак и кај поштата во Нова Битола. Помошта собрана на наведените локации надвор од пунктовите на Црвен крст, исто така, ќе биде доставена до општинската организација.
„Во договор со градоначалникот ги направивме сите активности, а како резултат на тоа утрово во 6.00 часот, првиот конвој од 5 шлепери минерална вода замина за Белград. Веќе се подготвува уште еден шлепер со најнеопходни материјали, како: детски пелени, млеко за деца во прав, санитетски материјал, дезинфекциони средства и се она што им е најнеопходно и се надевам дека до крајот на денешниот ден таа активност ќе ја завршиме и ќе можеме во текот на утрешниот ден да го испратиме за Белград и тој шлепер. Големите директни пратки со пропратни писма од амбасадата на Република Србија во Република Македонија ќе ги поминат границите без никакви проблеми, ослободени од царини и секакви други давачки. Граѓаните на Битола својата хуманост и солидарност ја покажаа кога беше бомбардиран и Белград и верувам дека и оваа акција успешно ќе заврши“, изјави Силјан Мицевски, почесен конзул на Република Србија во Битола.