Во присуство на голем број заинтересирани граѓани, спортисти, навивачи, претставници од училишниот спорт и спортските клубови, денеска во Битола се одржа четвртата презентација на проектот за изградба на новиот фудбалски стадион под Тумбе Кафе со капацитет од 12.000 гледачи.
Новиот фудбалски стадион во Битола ќе биде изграден според меѓународни стандарди и според критериумите на ФИФА и УЕФА ќе биде класифициран во стадиони од втора категорија на кој ќе може да игра и националната сениорска фудбалска селекција.
„Претходно имавме три вакви презентации, во координација со општинските службеници и архитектонското биро „Мегарон“. Направивме повеќе анкети и истражувања и дојдовме до констатацијата дека оптималната варијанта за Битола е 12 000 гледачи – стадион којшто ќе се постави на 4 трибини. На стадионот ќе бидат изградени три нови трибини и ќе се реконструира сегашата јужна трибина. Ќе изградиме фудбалски стадион кој Битола од Хераклеја до денес никогаш го немала. На 1 јуни целиот проект ќе го добиеме во општина Битола, по што ќе започне следната фаза на реализација на фудбалскиот стадион под Тумбе кафе. Најголемата инвестиција и содржини се поврзани со северната трибина која чини околу 50% од целиот проект, односно 4,5 милиони евра, додека вредноста на целиот стадион е околу 8 милиони евра. За изградба на новиот стадион планираме да отвориме и посебна донаторска жиро сметка затоа што очекуваме поддршка од стопанствениците но и од македонците во странство, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Спортскиот новинар и хроничар Димче Миновски нагласи дека првиот фудбалски стадион во Битола бил изграден пред 77 години. Новиот стадион ќе биде изграден на истата локација, но според меѓународни стандарди.