400 KV КОНЕКЦИЈА БИТОЛА ЕЛБАСАН

400 KV КОНЕКЦИЈА БИТОЛА ЕЛБАСАН

Во општина Битола денес се одржа јавна расправа по студијата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот „Изградба на интерконективен надземен вод 400 КV ТС Битола 2 македонско албанска граница и ТС 400/110 кV Охрид. Студијата за оцена на влијанието врз животната средина инвеститорот АД МЕПСО ја достави до министерството за животна средина и просторно планирање со цел проценка на влијанието врз животната и социјалната средина. Овој проект е од големо значење за снабдувањето со електрична енергија во целата држава, а исто така овозможува и побрз развој на регионот:
„Овој објект има извонредно значење од финансиски, економски, па и стратешки аспект, бидејќи ја интерконектира нашата држава со Албанија и со тоа се затвора интерконекцијата на нашата држава со сите соседи со оглед на тоа што со Бугарија е веќе изграден далеководот, со Грција ги имаме добрите конективни врски Дуброво – Солун, односно Битола – Флорина, а во однос на Србија прашање на ден е кога ќе почнеме како МЕПСО да ја градиме 400 КV врска Штип – македонско – српска граница, со Косово исто така имаме врска и ни преостанува оваа врска која е многу значајна за овој дел на нашата држава и пошироко за регионот. Тој е до 100 км од Битола до македонско албанската граница и потоа до 63 км од македонско албанската граница до Елбасан. Ваквите интерконекции ја прават една држава европска држава“, изјави Бранка Станоевска, раководител на службата за управување со заштита на животната средина, квалитет и стандардизација во АД МЕПСО.
Инвестицијата е на АД МЕПСО, а истата изнесува околу 50 милиони евра и ќе се реализира со помош на средства од Европската банка за обнова и развој.
„Овој далековод многу ќе придонесе во подобрување на снабдувањето со електричната енергија. На овој начин целиот југозападен регион ќе се внеси во еден систем со нашиот сосед Албанија, така што дел од она што често пати ние го баравме како услови за инвеститорите е и ова. Во индустриската зона Жабени веќе со помош на Владата имаме електрификација која е доволна за овие 86 хектари, но доколку сето тоа се прошири јас сум убеден дека со МЕПСО и ЕВН ќе најдеме заеднички јазик да го зголемиме капацитетот за снабдување со електрична енергија на фабриките. Заедничката соработка ни е повеќе од потребна“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Постапката за изградба на далеководот предвидено е да заврши за период од три години.