ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ МОНОГРАФИЈАТА „ПЕРФОРМАНСИТЕ НА ШИРОК СОКАК“

ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ МОНОГРАФИЈАТА „ПЕРФОРМАНСИТЕ НА ШИРОК СОКАК“

Битолскиот новинар и публицист во пензија Димитар Димитровски-Такец, автор на монографското дело напишано на 725 страници со наслов „Перформансите на Широк Сокак“, денеска оствари средба со градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
 
На денешниот промотивен настан битолскиот градоначалник истакна дека монографијата е вистински репрезент на градот, оригинално дело кое во иднина ќе биде претставувано на саемски манифестации или подарувано на истакнати гости на Битола.
 
„Димитар Димитровски – Такец ја ситни својата десетта деценија од животот, човек со исклучителна меморија,човек кој памети историски личности и настани и човек кој на креативен начин цела меморија ја вгради во монографијата „Перформансите на Широк Сокак“. Во монографијата се среќаваат факти што можеби никогаш не сме ги забележале за животот во Битола, Македонија но и за Балканот. Преку оваа монографија и во иднина ќе ја славиме Битола и Широк Сокак, местото кое како оска ги поврзува сите епохи наназад, фокусирани преку широката диоптрија на Димитар Димитровски-Такец, рече градоначалникот Талески на денешната средба со авторот на монографијата.
 
Димитар Димитровски – Такец, со посебна посвета првиот примерок од својата монографија го врачи на градоначалникот на општина Битола, нагласувајќи дека монографијата „Перформансите на Широк Сокак“ е исполнета со музика, со зборови, со слики со се што во својот живот напишал како автор и како новинар.
 
-Монографијата содржи 59 глави, а една од значајните глави е и „Од Монастир“, првиот весник кој излегол од печат во 1878 година во првата битолска печатница, која била втора после печатницата во Солун. Пишував за нашето време, за многу градоначалници. Растев со поетиката на Ботев кој велеше „кој е страшлив како баба, дома да си седи“. Секоја глава е посебна студија, еден живот. Пишував со оригинален пристап за да дадам нота и јасна порака, рече меѓудругото авторот Димитар Димитровски-Такец.