ПАНИХИДА ЗА ПАВЕЛ ШАТЕВ

ПАНИХИДА ЗА ПАВЕЛ ШАТЕВ

На Светонеделските гробишта во Битола денес беше оддадена достојна почит на последниот македонски гемиџија, на големиот великан, револуционер, публицист, патриот и голем македонски интелектуалец – Павел Шатев кој целиот свој живот го посвети на македонското ослободително дело. Павел Шатев се вбројува меѓу ретките македонски револуционери, политичари и државници од постарата генерација, кој ги преживеа сите премрежја на македонската ослободителна борба.
„Секогаш кога ќе се потсетиме на најголемите дела, на најголемите македонски имиња, секако дека едно од најзначајните имиња е името на Павел Шатев, кој заедно со своите пријатели – гемиџиите, своевремено бараа начин како да го завртат светското внимание, како да ја завртат европската јавност да погледне на Балканот и да види што се случува во Македонија. Павел Шатев е името кое што се споменува за повеќе работи. Тоа подучува, но најчесто и најмногу опоменува. Големите дела којшто ги правеле нашите македонци, честопати страдале од своите македонци. Тоа што беше главна цел и на гемиџиите, денес е остварено, но тие се бореа и за многу повеќе. Секоја генерација има своја борба. Убеден сум дека сите наши луѓе, сите македонци ќе успееме да се избориме и за најголемите идеали, всушност за сето она што било една колективна идеја на сите синови, независно во кој период живееле. Павел Шатев е светлото име кое што потсетува дека несебично, секогаш треба да се вложиме за слободата, независноста и за сето она што и го посакуваме на Македонија“, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Животниот сон на Павел Шатев се оствари со ослободувањето на Македонија и создавањето на македонска држава, во чија изградба тој има свој печат. Но, токму во слободната татковина, Павел Шатев трагично го заврши својот живот во битолската затворска болница во тешки услови. Погребан е на 30 јануари 1951 година на Светонеделските гробишта во Битола.