ЗАСАДИ ЗДРАВЈЕ!ЗАСАДИ ЗДРАВА ИДНИНА!

ЗАСАДИ ЗДРАВЈЕ!ЗАСАДИ ЗДРАВА ИДНИНА!

Под мотото „Засади здравје!Засади здрава иднина! и годинава општина Битола го одбележа Денот на дрвото. Градоначалникот Владимир Талески, советниците од Советот на општина Битола и други граѓани заедно со вработените во Македонски шуми, зедоа активно учество во есенската акција во рамките на која на површина од 100 хектари се засадуваат 200 000 садници.
„Во еден интересен амбиент продолжува акцијата. Засадуваме дрвја на опожарените и другите површини во општина Битола. Овие 100 хектари се подготвуваа 15 дена претходно, а денес е денот на акцијата и околу 70% од работата е веќе завршена. Акцијата е убава, а искуство покажува дека на овој начин се придонесува за еколошки чиста и здрава животна средина“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Вработените во „Македонски шуми“ заедно со граѓаните на општина Битола, во изминатиот период вкупно имаат пошумено 565 хектари или засадени се 1 230 000 садници. Пошумувањето се врши со бел и црн бор, даб, бука, јасен, јавор, а успешноста на пошумувањето е над 60% заради редовната контрола и спроведувањето на акциите во соодветни временски услови.
„Мотото на оваа есенска акција е многу важно: „Засади здравје, засади здрава иднина“! Ова е главното мото кое што треба да не движи сите. Ова е еден од најубавите начини со кои треба да се бориме против загадувањето на Битола“, изјави Силвана Анѓелевска, претседател на Советот на општина Битола.
Општина Битола организираше бесплатен превоз за сите граѓани кои сакаа да се вклучат во дванаесеттата акција „Ден на дрвото“.