БИТОЛА ПРЕКУ БИТ ФЕСТ ВО ГИНИС

БИТОЛА ПРЕКУ БИТ ФЕСТ ВО ГИНИС

 

Одлична организација, најголема посетеност и исполнети специфични критериуми кои на најдобар начин ја пренесуваат пораката за борба против хепатитот се главните карактеристики кои на Битола и Бит Фест, преку Хепар центарот од Битола и донесоа признание од Гинис. На 28 јули, во текот на 24 часа во светот се одбележуваше Светскиот ден за борба против хепатитот, а од сите градови – учесници, настанот беше признат од Гинис во 41 град. Меѓу нив Битола е еден од најдобрите градови со својот настан организиран на Плоштадот Магнолија, како дел од програмата на Бит Фест со учество на голем број популарни музички ѕвезди од државата:
„Нашиот успех се должи на сите овие личности, благодарение на кои со заеднички сили го остваривме овој резултат кој во иднина ќе го прошириме. Уште сега сакам да најавам дека и наредната година по повод Светскиот ден на хепатитот ќе имаме голема манифестација која ќе се одржува во нашиот град, а ќе биде насочена кон соборување на Гинисовиот рекорд за 2014 година“, изјави Милан Мишковиќ, член на Хепар центар Битола.
Во програмата на Плоштадот Магнолија за време на настанот на Битолскиот летен фестивал настапуваа Влатко Илиевски, групата Памперс и други познати музички ѕвезди:
„Сакам да му се заблагодарам на Милан за поканата да бидам дел од овој настан. Со задоволство тој ден од Белград стигнав директно во Битола и ја давам поддршката секогаш за вакви настани, се надевам в година ќе не има во уште поголем број“, изјави Влатко Илиевски.
„Со задоволство се вклучуваме со нашите колеги музичари и со останати лица од јавниот живот во Република Македонија и во Битола. Сакам да најавам еден спот кој ќе го снимаме за подигнување на свеста кај популацијата, особено кај младата популација“, изјави Ирена Димовска од група Памперс.
Настанот на Светскиот ден за борба против хепатитот беше реализиран со поддршка од општина Битола:
„Хепар центарот со своја програма беше дел од Бит Фест. Денес добивме една убава вест, кратко кажано Бит Фест – Битола сме на мапата на Гинисови рекорди. Тоа е важно за нас затоа што активностите што ги правиме на Бит Фест се забележани многу пошироко од она што го имаме на локално ниво. Рекордери сме во повеќе настани во Република Македонија, но задоволство е кога ќе се слушне дека некои луѓе надвор од Република Македонија ги следеле нашите настани. Хепар центарот има голем број едукативни активности со одредени целни групи, а нашата поддршка за нив и понатаму ќе биде максимална“, изјави д-р Владимир Талески, градоначалник на општина Битола
Според податоците на СЗО секој 12 жител на Земјата има хроничен хепатит Б или Ц. Токму затоа едукацијата и превентивата се најважни, а хепар центарот продолжува со интензивни активности во таа насока.