ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА БИТОЛА ПОДГОТВЕНИ ЗА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА

ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА БИТОЛА ПОДГОТВЕНИ ЗА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денес ја продолжи обиколката на основите и средните училишта во градот, каде директно на средба со директорите на училиштата беше констатирана подготвеноста за почетокот на новата учебна година. Подготовките финализираат, а во изминатиот период завршени се градежните интервенции врз училишните објекти како и обновата на оштетениот инвентар во оние објекти каде што тоа беше потребно.
-Со поддршка на УСАИД во ОУ „Ѓорги Сугарев“ реализиравме проект вреден околу 1,8 милиони денари за кој како општина партиципиравме со 300.000 денари и извршивме целосна обнова на дограмата како и други интервенции во ова училиште. Вложувајќи во знаење, учениците полесно ќе ги совладуваат пречките во животот и затоа направивме максимални подготовки за непречен почеток на новата учебна година, рече градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
Со промената на дограмата во ОУ Ѓорѓи Сугарев се овозможува и поголема енергетска ефикасност, односно заштеда на потрошувачката на гориво за околу 15 -20%, односно околу 10 000 евра годишно.
Општина Битола паралелно со подготовката на училиштата врши и подготовка на три нови детски градинки кои се лоцирани во селата Долно Оризари и Кравари, како и една детска градинка во централното градско подрачје.
-Реконструкцијата се одвива фазно и согласно процедурата за ангажман на изведувачите. Верувам дека наскоро ќе можеме да ги промовираме новоадаптираните детски градинки за што очекуваме поддршка и од надлежното министерство. Интересно е што бројот на првачиња во Битола се намалува, но бројот на децата што треба да бидат сместени во детска градинка се зголемува, и за причините за оваа состојба ќе направиме дополнителна анализа, рече Градоначалникот Владимир Талески.
Градоначалникот Талески на сите ученици им ја честита новата учебна година, посакувајќи им големи резултати и нови успеси.