Градоначалникот Талески оствари средба со Хрватскиот амбасадор Златко Крамариќ кој во рамки на престојот во Битола одржа и трибина посветена на влезот на Хрватска во Европската унија.
Амбасадорот Крамариќ истакна дека влезот на Хрватска во Европската унија е значаен за неговата држава, но и за државите од Западен Балкан, посебно за Република Македонија.
„Со влезот во Европската унија, Република Хрватска ќе биде продолжена рака на Брисел која низ партнерски односи ќе и помага на Република Македонија во процесот на евроинтеграциите. Со оглед дека меѓу двете држави нема отворени политички прашања, непречено можеме да се посветиме на стопанските, научните и културните врски и соработка. Со влезот на Хрватска во ЕУ, Македонија добива пријател и глас повеќе во процесот за добивање датум за преговори и во таа смисла може да порачам дека дијалогот е секогаш подобар облик на комуницирање од монологот“, рече Крамариќ.
Градоначалникот Талески, нагласи дека влезот на Хрватска во ЕУ значи и голема поддршка за Република Македонија.
„Јас сум убеден дека нашите пријатели од Хрватска ќе дадат голема поддршка. Честитки за влезот во ЕУ, се надеваме дека и Македонија наскоро ќе се придружи“, изјави м-р Владимир Талески, Градоначалник на Битола.