ФОРМИРАН СОВЕТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

ФОРМИРАН СОВЕТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

 

Унапредување на соработката, градење и продлабочување на партнерствата меѓу училиштата и локалната заедница се основните цели на Советот за образование кој се формираше денес во Општина Битола. Советот го сочинуваат директорите на училиштата и претставници од локалната самоуправа, а истиот е дел од програмата на градоначалникот на Општина Битола за развој на локалната самоуправа во периодот 2013 – 2017 година.
„Денеска го формиравме советот за образование, во кој што членуваат директорите на основните и средните училишта и претставници од локалната самоуправа. Веќе имаме и обврски, зададовме рокови, а до 15 ти август, овој совет ќе изготви четиригодишна стратегија за образование и едногодишни програми кои треба да се реализираат преку соодветните тела во училиштата. Целта е да обезбедиме на сите наши ученици што повеќе знаење, затоа што знаењето е највредното нешто за секој наш граѓанин, изјави градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
Советот за образование ќе ги акцентира најважните приоритети на училиштата, за чија што реализација ќе се преземаат заеднички мерки со локалната самоуправа во рамките на нејзината надлежност.
„Овој совет на некој начин ќе ги обедини сите развојни планирања кои што училиштата ги подготвуваме за сопствен развој на секое училиште, а досега не беа земени предвид од локалната самоуправа. На иницијатива на градоначалникот сега го правиме и тоа, што значи дека и самата општина и градоначалникот ќе имаат увид како планираме да се развиваат училиштата и што општината и како тоа може да го поддржи, секако земајќи ги предвид и сите оние барања, задоволства и незадоволства од страна на унијата на совети на родители. Тоа значи дека ќе можеме сите заеднички, родителите, општината и училиштата да ги изнаоѓаме сите оние потенцијални точки на подобрување на работата во образованието, што ќе ни гарантира навремено разрешување на сите проблеми, унапредување на образованието, усовршување, што значи ова е еден чекор напред во таа взаемна соработка, изјави Лили Бошевска, директор на ОУ Кирил и Методиј – Битола
Идната недела веќе е закажан состанок на кој ќе биде формирана унија на совети на родители во која ќе партиципираат претставници на советите на родители од сите училишта, во насока на што поголема вклученост на родителите во работата на училиштето и нивна проактивна улога во вкупниот воспитно – образовен процес.