12 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА БРАНИТЕЛИТЕ КАЈ ВЕЈЦЕ

12 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА БРАНИТЕЛИТЕ КАЈ ВЕЈЦЕ

Со положување свежо цвеќе на споменикот пред СВР-Битола и пред споменикот „Анѓел“ во Градскиот парк, денеска во Битола, им беше оддадена почит на бранителите кои загинаа во конфликтот во 2001 година кај тетовското село Вејце. На денешното чествување присуствуваа семејствата на загинатите бранители, Градоначалникот на општина Битола, претставници од локалната самоуправа, СВР Битола и политичките партии. Битола со тага и болка продолжува да се сеќава на овој немил настан:
„Денеска во Битола се собравме повеќе делегации да одбележиме еден многу важен, значаен датум, кој што всушност значи навршување на полни 12 години од трагичниот настан кај Вејце. Битола тоа никогаш нема да го заборави. Тоа се нашите млади херои кои што по патот на историските личности многу пожртвувано и несебично ги дадоа своите животи за оваа наша денешна независна и суверена Република Македонија. Денеска сме сведоци на нешто што треба да биде многу поучно за сите нас, за сите сегашни и идни генерации. Битола на достоинствен начин се оддолжува…Изградивме еден споменик во срцето на градот. Ова е споменикот на бранителите, кој што симболизира еден анѓел, една чиста душа, што всушност е стремеж на секој од нас да постигне совршенство. Исто така, со обележувањето на улиците со имињата на нашите херои, мислам дека тоа е достоинствено, да се сеќаваме на сето она што тие го направија како едно високо дело, една пожртвуваност, што е вистински пример за сите нас. Денеска сакам да потсетам дека на денешен ден и големите гемиџии ги започнале активностите во Солун. Солунските атентатори на денешен ден започнуваат со една многу значајна активност. Сакајќи да го завртат вниманието кон сето она што е проблем за Македонија, за македонците почнуваат активности со кои што ги повикале големите европски сили да погледнат што се случува на Балканот. 28 ми април е голем значаен ден кој што Битола долго ќе го памети, изјави Градоначалникот на општина Битола, м-р Владимир Талески.