75 ГОДИНИ НАСТАВА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ОДБЕЛЕЖА ГИМНАЗИЈАТА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

75 ГОДИНИ НАСТАВА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ОДБЕЛЕЖА ГИМНАЗИЈАТА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

По повод 75-годишнината од наставата на Македонски јазик во битолската гимназија „Јосип Броз Тито”, синоќа се одржа свечена академија во салата на Народниот театар во Битола. На свеченоста присуствуваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, градоначалничката Наташа Петровска, заменик министерката Елизабета Наумовска, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, директорот на АФПЗРР Никола Бабовски и други значајни лица од политичкиот и образовниот живот.

„Велат, кога Ви зборуваат на јазик на кој говорите и кој што го разбирате, зборовите допираат до Вашата глава, но кога Ви зборуваат на мајчиниот јазик, зборовите допираат во Вашето срце. Оттаму, кога помислуваме на зборовите на Св. Климент Охридски – чувајте го она најсветот и најважното, тоа е чувањето на Македонскиот јазик“, рече при своето обраќање градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Пред присутните во Народниот театар во Битола, премиерот Спасовски истакна дека овој настан и оваа свеченост по тој повод е силна порака за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на нашиот јазик.

„Седумдесет и пет годишнината од наставата на македонски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито” во Битола е само еден од бисерите од низата од која е составена богатата историја, традиција и вредности на нашиот македонски јазик. Секој од тие бисери има свое длабоко и суштинско значење, па така и гимназијата „Јосип Броз Тито” со овој свој јубилеј”, истакна премиерот Спасовски.

На свечената академија се обратија и директорката на гимназијата Фанија Наумовска и универзитетскиот професор Људмил Спасов.

Свеченоста беше проследена и со проекција на краток документарен филм за Петре М. Андреевски, изработен од ученици на гимназијата, а членовите од Драмската секција ја одиграа театарската претстава „Како се чуваше зборот”. На крајот, пред присутните гости во салата, меѓу кои и голем број сегашни и пензионирани професори и ученици во гиманзијата, на поединци и компании им беа доделени благодарници за помошта и поддршката која им ја даваат на оваа угледна битолска гимназија.