75 ГОДИНИ ЖЕНСКИ АКТИВИЗАМ ВО БИТОЛА

75 ГОДИНИ ЖЕНСКИ АКТИВИЗАМ ВО БИТОЛА

Во малата сала на Центарот за култура, Организацијата на жени Битола го одбележа 75 јубилеј. Од дамнешната 1944 година, кога беше формиран битолскот одбор на Антифашистичкиот сојуз на жените на Македонија, на чело со Анча Ристевска, па се до денес, Организацијата на жени го пренесува и поддржува женскиот активизам во различни форми. На свеченоста беше промовирана монографија за работата на оваа организација, издадена со помош на Општина Битола.

„75 години, односно бројот 75 се состои од цифрите 7 и 5, нивниот збир е 12, а еден плус два е три. Бројот три е многу значаен број зашто е поврзан со три многу важни работи, а тоа се вера, љубов и надеж. Нека ни е честита 75 годишнината од женскиот активизам и да се избориме за онаков родов баланс во кој што нема да прашуваат – извинете како треба да Ви се обратиме градоначалничке или градоначалник, туку ќе се подразбира дека ако на оваа функција е жена треба да и се обратат како на градоначалничка“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Организацијата на жени Битола е вклучена во разни хуманитарни активности, а нејзините членки често им помагаат на стари изнемоштени лица, деца, самохрани мајки. Од едукативен карактер организираат трибини, конференции, вршат истражувања за состојбите со жените и женски права итн.

„Секој ден ни се раѓа по некоја нова идеја во главата. Организацијата на жени ми е животна опсесија иако 26 години работев како проектен менаџер во Електростопанство. Работа, сигурна плата, но кога медиумите ќе напишат хуманитарката Светлана Петковска, јас сум погорда на тоа отколку на струјата што сум ја поставила низ Битола“, рече Светлана Петковска, претседателка на Организацијата на жени од Битола.

Водител на манифестацијата беше Силвана Петрова Насух, која преку своите вештини на изразување, ја збогати манифестацијата.