Во соработка со Еврејската заедница, Општина Битола денес ја одбележа 70 годишнината од депортацијата на Евреите од Битола. На средбата со градоначалникот на Општина Битола, Сашо Андоновски од Еврејската заедница го изрази своето задоволство од грижата на општината за спомениците значајни за Еврејската заедница и најави реализација на нови заеднички идеи за кои веќе се прават планови.
„На Еврејските гробишта може да се изгради парк со шума. Тој би бил многу посетуван и би се оддавала почит на сите, порача Ментеш Колономос, роден битолчанец кој живее во Париз.
Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески ја искажа големата внимателност и сочувство, кои што општинатата ги изразува кон овој трагичен настан во кој 3000 евреи, најголем број деца беа депортирани од Битола.
„Битола тоа го памети. Тоа е врежано во колективната меморија на градот. Таквиот начин на однесување во минатото е една тешка лекција која сеуште се случува на некои простори на планетата Земја. Се надеваме дека таа лекција е сватена и на Балканот и ќе биде поука за сите идни генерации дека само со заеднички дијалог може да се решаваат проблемите, изјави Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
На споменикот на протераните сограѓани и на Еврејските гробишта во Битола беше положено свежо цвеќе, а во културниот центар магаза беше отворена изложбата на Сара Ајник „Јас, ти и оние – за Холокаустот“.
Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески ја отвори изложбата за чија што реализацијаопштината даде искрена поддршка.
„Дури и денес не можам да гледам филмови за холокаустот, ниту да читам книги на таа тема. Сосема ми е јасно дека не ми се потребни такви надворешни поттици за да знам или да разберам повеќе од она што веќе ми е познато. На свој сопствен начин и јас бев таму, како и толку многу други, и не е важно дали семејството ти е од Полска, од Германија или од Мароко, сите ние ги сонуваме тие соништа, сите ние сме оттаму“, вели Сара Ајник во каталогот посветен на оваа изложба.