65 ЈУБИЛЕЈНА НОЌНА АТЛЕТСКА ТРКА

65 ЈУБИЛЕЈНА НОЌНА АТЛЕТСКА ТРКА

Ниту големото невреме кое синоќа ја зафати Битола, не ги спречи околу 800 вљубеници во трчањето, да учествуваат на ноќната атлетска трка по Широк Сокак.

Трката години наназад се одржува како дел од Програмата за одбележување на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, а се натпреваруваа ученици од 4 до 9 одделение од основните училишта, средношколци и студенти, поделени во машка и женска конкуренција. На трката учествуваа и претставници на одредени компании во градот, како и граѓаните.

Победниците на трката ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој посочи дека ваквите натпревари се поттик за што повеќе спортски активности на младите битолчани, а посебно што се натпреваруваат голем број на ученици и граѓани. Масовноста на трката, истакна Коњановски е само уште еден белег и придонес кон празнувањето по повод ослободувањето на Битола. Пред присутните се осбрати и претседателот на Сојузот на спортови на Битола, Сашко Павловски.

Наградите на победниците им ги врачија градоначалникот Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, советничката во Советот на општина Битола, Лидија Павловска и претставници на Сојузот на спортови.

Традиционалната ноќна атлетска трка се одржува во организација на Сојузот на спортови од Битола, во соработка со Сојузот на училишен спорт, а со поддршка од општина Битола.