53 СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА ВО ТРНОВО

53 СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА ВО ТРНОВО

Традиционално, во потпелистерското село Трново, по повод големиот празник Илинден се одржува 53 Семакедонска Илинденска средба, во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес. Присутните гости и организаторите, ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:

„Во име на културата, традицијата, меѓусебното почитување и зајакнувањето на нашите врски на соработка и разбирање за заеднички напредок и годинава на големиот празник „Илинден“, ја имаме можноста заедно со нашите пријатели и иселеници од сите краеви на светот, заедно да празнуваме на ова прекрасно место, во дворот на македонската црква “Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново.

Овие денови Битола живее со колоритот на светот, за што посебно радува големата посетеност на „Илинденски денови“ како дел од Битолското културно лето, посебно посетеноста од нашите сограѓани кои се наоѓаат во странство, а летниот период го користат за посета на својата родна земја. Посакувам добредојде на сите Битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји на Републиката и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји, кои деновиве престојуваат во Битола, во Македонија и учествуваат на оваа Семакедонска средба.

Верувам дека, со сите наши заложби и ангажмани како локална самоуправа, ќе успееме да ги мотивираме и поттикнеме барем дел од нашите иселеници, повторно да се вратат во Македонија, во Битола, каде заедно ќе продолжиме да инвестираме во подобра иднина и подобри услови за напредок на младите генерации. Светското искуство, секогаш може да даде позитивна насока во идеите, иницијативите и проектите кои се реализираат за поубава Битола.

Се разбира, печалбарството оставило траги во развојот на општината Битола и Република Македонија, но верувајте нема подобро од родниот крај, кој Ви подава рака за враќање назад во татковината, овде сите заедно да живееме, овде да растат новите генерации Македонци. Општина Битола ќе ги негува и унапредува културните врски со иселениците од Македонија.

Ја продолжуваме и ќе ја унапредуваме соработката за проекти од заеднички интерес, за доброто на сите Македонци и на сите иселеници од Македонија.

Општина Битола ја продолжува меѓународната и меѓуграничната стопанска и културна соработка со Република Грција и Република Албанија, како важни компоненти на развојот во општината и во Република Македонија.

Ви посакувам добар престој во Битола и во Македонија, Ви посакувам здравје и живот, мир и љубов, среќа и радост, успех и бериќет Вам и на Вашите семејства!

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК ИЛИНДЕН!“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

Денешната средба во Трново беше збогатена и со културно – уметничка програма. Од 2014 година и обединувањето на 34-тата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 43-тата Светска Македонска Иселеничка Средба во една и единствена Семакедонска средба, општина Битола, продолжува да биде поддржувач на оваа значајна манифестација, како обележје на Битола и нејзините бројни иселеници.