ОХО Продукција како продуценти на играната ТВ серија „Преспав“ и генералниот спонзор на серијата, П.И. Витаминка А.Д., во рамките на своето општествено одговорно делување и во соработка со Министерството за образование и наука, покренаа донаторска иницијатива за донација на 50 смарт уреди погодни за следење на онлајн настава за ученици од социјално ранливи групи на територијата на Општина Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска присуствуваше на предавањето на оваа донација заедно со претставниците на ОХО Продукција, во ОУ „Елпида Караманди“ и во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица.
„Ова е одличен пример како бизнис заедницата го препознава моментот и врши надополнување на образовните капацитети, во овие тешки времиња, во кои заедништвото е многу важен елемент. Општина Битола на почетокот на учебната година им овозможи на училиштата да функционираат во он лајн наставата без проблеми, преку средствата наменети за компјутери, опрема и интернет. Но ваквите донации им помагаат на децата, особено од ранливите категории, полесно да го следат образовниот процес“, посочи градоначалничката Петровска.
Претставниците на ОХО Продукција истакнаа дека се особено среќни што можат да помогнат и таблетите да завршат во рацете на дечињата, на кои што им се најпотребни.
Дел од смарт уредите се наменети и за учениците во руралните средини, односно за учениците во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица. Директорката на училиштето се заблагодари на донацијата, затоа што во ова училиште има доста деца од социјално ранливи категории, така што помошта е повеќе од добредојдена.
По доделувањето на таблет уредите, градоначалничката беше запозната со процесот на изведување на он лајн настава во ОУ „Крсте Петков Мисирков“, како и со набавената опрема за настава, со средства од општината.