15 ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ ЗАПОЧНУВА НА 23 ЈУНИ – ПРОГРАМАТА ЌЕ ГИ ВКЛУЧУВА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ НАСТАНИ И МАНИФЕСТАЦИИ

15 ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ ЗАПОЧНУВА НА 23 ЈУНИ – ПРОГРАМАТА ЌЕ ГИ ВКЛУЧУВА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ НАСТАНИ И МАНИФЕСТАЦИИ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешната прес конференција информираше за деталите поврзани со 15 издание на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ. Фестивалот оваа година ќе започне на 23 јуни со спектакуларен настан на Хераклеја, но програмскиот концепт, главно ќе вклучува традиционални настани и манифестации.

Изјава на градоначалникот Тони Коњановски

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Од првиот ден како градоначалник, заедно со мојот тим, покрај реализацијата на инфраструктурните проекти, ставивме акцент на враќање на културниот живот во Битола, поддршка на домашната културна сцена и афирмација на вистинските културни вредности. Големата поддршка и посетеност на настаните, беше наш мотив за реализација на нов концепт на Битолското културно лето, исклучителна 4 то ноемвриска програма, „Зимска приказна“ со најдобар концепт во регионот, истовремено овозможувајќи поддршка и на бројни традиционални манифестации, реализирани преку културните институции од општината.

Со тоа покажавме дека партиската припадност, мора да биде настрана од културата.

Годинава, на прагот на отворањето на 15 то издание на Битолското културно лето, соочени сме со бројни критики, од страна на одредени советнички групи, чии членови иако најчесто беа во првите редови на културните настани, сепак културата најмногу ја критикуваат и осудуваат. Тоа говори, дека ваквиот пристап на Советот, нема да дозволи, проширување на средствата потребни за реализација на сите планирани настани за БИТ ФЕСТ 2023, што значи дека Комисијата би се доведила во непријатна ситуација на избор помеѓу приближно еднакво ниво на квалитет.

Продолжувајќи со транспарентноста и одговорноста пред граѓаните, сите културни уметници и изведувачи, одлучивме, овогодишниот концепт на БИТ ФЕСТ да го реализираме, во рамките на одобрените средства од Советот, за што, започнуваме на 23 јуни во 21.00 часот во античкиот локалитет Хераклеја со спектакуларен настан насловен „Вива Верди“ со повеќе од 130 учесници: симфониски оркестар, хор, оперски солисти…кои ќе ги изведат најубавите извадоци од најпопуларните опери на Џузепе Верди како: Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и др. Како солисти на концертот ќе се претстават: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и прекрасниот сопран – Зана Абази Рамадани.

Понатамошниот програмски концепт, ќе ги вклучи веќе одобрени проекти на традиционалните културни манифестации, како: Солстис, Битола отворен град, Битола Шекспир фестивал, Локум фест, Незаборав, Илинденски денови, за на крај на август повторно во духот на културата која ја негува Битола, да имаме затворање на фестивалот со настан каков што доликува.

Тука посебно сакам да им се извинам на сите уметници кои покажаа интерес да настапат на Битолското културно лето, но недостатокот на поддршка од Советот, ги ограничува и финансиските ресурси кои општината треба да ги издвои и реализира за висококвалитетните музичко сценски и уметнички настани, како и за дополнителна офф програма, што би значело фестивалска поддршка и за алтернативната сцена и младите уметници од нашиот град.

Со овој концепт, верувам дека и ова лето повторно, сите заедно, културните институции од Битола и нашите изведувачи, ќе успееме да го задржиме вниманието на публиката, на големиот број гости кои ја посетуваат Битола во летниот период, на нашите битолчани и сите заедно, на крајот и на ова издание на БИТ ФЕСТ, со суперлативи ќе зборуваме, за уште едно успешно издание, реализирано во доста тешки политички услови.