Општина Битола, во соработка со Универзитетот „Свети Климент Охридски“, започна со реализација на проектот: Универзитетска летна пракса, во кој се вклучени 36 студенти, распоредени за практична работа во месеците јули, август и септември. Од денес, практичната работа за месец јули ја започнаа 14 студенти, од кои 8 во Општина Битола, 1 во ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг, 1 во Зоолошка градина, 1 во Сју Рајдер, 1 во ИЗ Жабени и 2 во ЈП Паркинзи.
Универзитетската летна пракса, се реализира преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола, а Општина Битола, за оваа намена од Програмата за спорт и млади издвои 500.000 денари.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски, заедно со претставници од општинската администрација и универзитетот, им посакаа успешна работа на студентите, како и стекнување на нови знаења, кои во понатамошниот период ќе им го олеснат процесот на учење и работа.
„Вашата работа, како дел од општината и општинските претпријатија е многу значаен чекор за Вашиот понатамошен напредок, но и за нас како институција. Со Вашата работа, очекуваме да ја зголемиме ефикасноста во летниот период, кога се користат годишни одмори, а истовремено, во координација со службите ќе имате можност да стекнете практични знаења од доменот на областите во кои професионално се усовршувате. Директното вклучување во работата ќе ви овозможи полесно да го примените наученото, но истовремено и да ги согледате предизвиците кои се појавуваат при реализација на одредени проекти или други административни постапки. Со воведувањето на универзитетската летна пракса, верувам дека започнуваме еден голем чекор со кој младите, нашите студенти се директни учесници во делот на планирање и реализација. Тоа подразбира и нови идеи и нови можности за создавање напредок, давање поголема можност на младите со своето знаење, стручност и работа, да придонесат во нашата заедничка цел: Битола да биде поубаво место за живеење. Ви посакувам успешна работа“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Согласно договорите кои им беа доделени, практикантите имаат обврски работните задачи да ги извршуваат одговорно и посветено, за што имаат право на паричен надомест за практикантска работа за еден календарски месец од 10.000,00 денари во нето износ, како и персонален данок и осигурување од повреда при работа.