100 ГОДИНИ ЕКОНОМСКО УЧИЛИШТЕ БИТОЛА

100 ГОДИНИ ЕКОНОМСКО УЧИЛИШТЕ БИТОЛА

Синоќа во Офицерскиот дом беше одбележана 100 годишнината од постоењето и работењето на Средното економско училиште „Јане Сандански“.

На свечената академија, во своето обраќање, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски истакна дека обврска на локалната самоуправа е да биде поддржувач на квалитетните идеи и проекти, кои ги иницира училиштето, а преку активно вклучување на младите генерации, да ги поттикнеме да останат, да продолжат да напредуваат и да создаваат за својата општина.

„Најголемото богатство за еден град се едуцираните кадри кои пренесувајќи го своето знаење и потенцијал, придонесуваат за развој и напредок. Битола, веќе докажано може да се гордее со голем број интелектуалци кои се школувале во нашите училишта.

Токму ова, го потврдуваат и многу генерации средношколци кои во изминатиот еден век поминале низ училишните клупи на училиштето кое во далечната 1922/23 започнало да работи како Средна трговска школа, за по ослободувањето да продолжи да функционира како средно економско училиште „Јане Сандански“.

Квалитетот на образованието што го нуди средното економско училиште, е претставен од многу наши сограѓани кои студирале и во градовите низ Македонија или надвор од нашата држава.

И денес, со можностите за квалитетно теоретско, но и практично знаење, средното економско училиште може да се гордее на младите луѓе кои меѓудругото се оспособуваат за водење на сопствен бизнис низ стекнување на претприемачки вештини и знаења“, потенцираше градоначалникот Коњановски.

Директорот Александар Цветковски посочи дека низ училиштето поминале многу генерации, кои стекнале знаења и вештини, а денес  се образуваат ученици кои со своите квалитети придонесуваат за развој на новото време, дигитализацијата и технологијата.

На свечената академија присуствуваа сегашни и поранешни професори, ученици, истакнати стопанственици и голем број граѓани.

Во уметничкиот дел на програмата настапија членовите на хорот, рецитаторите, а беше прикажана и видео презентацијата, како и ликовна изложба.

Утринава, во чест на големиот јубилеј, градоначалникот Тони Коњановски и други делегации положија свежо цвеќе пред неодамна поставената биста на Јане Сандански во дворот на економското училиште.