Во Општина Новаци, денес се одржа јавна расправа, насловена: Нацрт А – Дозвола за усогласување со оперативен план, РЕК Битола. На расправата покрај претставниците на АД Електрани на Северна Македонија, Скопје – Подружница РЕК Битола, претставниците на Министерството за животна средина и претставници на локалните самоуправи присуствуваа и претставници на повеќе невладини организации и граѓани кои го изразија својот интерес за понатамошните постапки кои ќе ги спроведи РЕК Битола во насока на исполнување на еколошките стандарди кои произлегуваат од македонската и европската регулатива.
Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски го изрази своето задоволство што конечно, рударско – енергетскиот комбинат се наоѓа на самиот праг за добивање на дозволата за усогласување на оперативниот план за заштита на животната средина. Тој потсети дека, постапката е почната уште во 2007 година и согласно тогашната регулатива требало да заврши во 2014 година, но тоа не се случило. Со промената на раководството во АД ЕСМ и РЕК Битола во 2018 постапката се реактивира и се изврши усогласување на оперативниот план во текот на 2019 година. Постапките, комплетно треба да бидат завршени до 2026 година при што АД ЕСМ ќе инвестира над 300 милиони евра за подобрување на еколошките перформанси на производниот процес на РЕК Битола, за доброто на сите засегнати страни, пред се за жителите на општините Битола, Могила и Новаци, нагласи Ќурчиевски.
Јавната расправа ја модерираше Беса Татеши, советник за индустриско загадување при Министерството за животна средина и просторно планирање, која нагласи дека ќе бидат разгледани и сите забелешки кои произлегуваат од денешната јавна расправа за Нацрт-А дозвола за усогласување со оперативен план на АД ЕСМ подружница РЕК Битола.