ШЕСТ ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ ПОДГОТВЕНИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ТЕРЕН

ШЕСТ ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ ПОДГОТВЕНИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ТЕРЕН

Општина Битола ги заврши потребните постапки за реализација на шест големи проекти, од кои на еден веќе се работи, а за останатите согласно планираната динамика, градежните активности ќе започнат во месец мај.

На врвот на шесте приоритети за овој период е отпочнувањето на реализацијата на капиталниот проект за изградба на нов противпожарен дом со површина на приземје од 386,4 м² и кат 386,4 м², гаража и простор за седум противпожарни возила на површина од 830 м². Вкупната вредност на склучениот договор за изградба на објектот изнесува 52.824.773 денари.

Меѓу големите инвестиции на локалната самоуправа за оваа година е и Проектот за реконструкција на спортската сала во Бистрица, со проценета вредност од 31.200.000 денари. Реконструкцијата го вклучува приземјето на површина од 286 м² и галерија од 100 м². Приземјето вклучува мултифункционален простор за спортски активности и помошни простории во функција на спортските активности, додека главен дел во галеријата е гледалиштето за културни манифестации.

Инфраструктурните уредувања во општината вклучуваат и изградба на паркинг простор и спортско – рекреативни зони и спортски игралишта.

Дел од овие проекти е реконструкцијата на игралиштата во Основото училиште „Елпида Караманди“, во вкупна вредност од 22.373.885 денари, што вклучува реконструкција на фудбалско игралиште на површина од 1484 м², игралиште за кошарка на површина од 151 м², за одбојка на 262 м², фитнес зона на 220 м² и патека за трчање на површина од 306 м².

Спортски игралишта ќе се реконструираат и во Брусничка населба, за што општината од својот буџет ќе инвестира 3.293.203 денари за реконструкција на тениско игралиште на површина од 550 м², кошаркарско игралиште од 420 м² и фудбалско игралиште од 1005 м².

Додека се работи на овие проекти, соодветно ќе биде уреден и паркинг просторот кај Декорпод на површина од 544 м², а паралелно ќе биде комплетиран и започнатиот проект за изградба на пешачката патека на потегот Тумбе кафе – Смолево во вкупна должина од 1930 метри и поставување на бехатон плочки на површина од 902 м², надополнета со урбана опрема и осветлување со поставување на фотоволтаични панели.