„ЦРВЕН КРСТ“ НАЈАВИ НОВИ УСЛУГИ ЗА ГРАЃАНИТЕ НА БИТОЛА

„ЦРВЕН КРСТ“ НАЈАВИ НОВИ УСЛУГИ ЗА ГРАЃАНИТЕ НА БИТОЛА

Генералниот секретар на Црвен крст на Македонија, д-р Саит Саити, заедно со потпретседателката на Црвен крст на Македонија, Лилјана Ристевска, која е и претседател на општинската организација во Битола, во придружба на секретарот на ОО Црвен крст Битола, Димитар Лазаревски, имаа работен состанок со градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

На состанокот, од страна на гостите од Црвен крст беше претставена услугата „итно копче“ која се однесува на стари лица и лица кои живеат сами во домот, а имаат потреба од грижа и нега. Услугата која наскоро се очекува да биде достапна и за граѓаните на Битола, функционира така што корисникот кај себе поседува уред со кој со притискање на едно копче ја повикува централата која е 24 часа актива и на располагање за корисниците. Откако ќе оствари контакт со дежурниот во централата, лицето корисник, телефонски ја објаснува неговата ситуација и според тоа дежурниот оператор испраќа екипа на дадената локација.

Покрај оваа услуга, претставниците на Црвениот крст ја најавија и услугата за превоз која се однесува на оние лица на кои истиот им е потребен, но без медицинска придружба односно доктор. Со оваа услуга лицето се транспортира од точка А до точка Б и обратно во зависност од потребите и барањата на корисникот.

И двете услуги, наскоро се очекува да започнат да функционираат и во Битола, а градоначалникот Коњановски нагласи дека, општината согласно своите законски и буџетски можности, секогаш е подготвена да даде поддршка при имплементацијата на услугите кои се во насока на подобрување на можностите за граѓаните.