„ЦВЕТНА БИТОЛА“ – НОВИ ЦВЕТНИ ПОВРШИНИ ОД СОПСТВЕНО ПРОИЗВОДСТВО

„ЦВЕТНА БИТОЛА“ – НОВИ ЦВЕТНИ ПОВРШИНИ ОД СОПСТВЕНО ПРОИЗВОДСТВО

Деновиве, Битола заличи на вистински цветен град. Со нови два производствени циклуси, пролетен и есенски, ЈП „Комуналец“ од сопствено производство насади над 20.000 цвеќиња на различни  места во градот, претежно во централното градско подрачје, а веќе се оплеменуваат и останати локации.

„Ме радува што имаме ново, сериозно освежување на изгледот во нашиот град со новите поставени цветни садници. Но она што повеќе ме радува што ваквото освежување и разубавување се случува со заштеда од 1 милион денари, затоа што годинава ЈП „Комуналец“ ги збогати капацитетите со кои што располага. Направи свои пластеници, каде што за прв пат цвеќето кое што се сади во толку големи количини е целосно нивно производство. Досега, преку тендерски постапки се набавувало цвеќето за разубавување на градот, но овој пат исклучително е значајно да се каже дека цела количина на цвеќе која е засадена, е производство на ЈП „Комуналец“. Нивна намера е во периодот кој што следува, бројот на пластеници да расте, а тоа значи и раст на бројот на површини кои ќе бидат разубавени на ваков начин. Останува сите ние граѓаните, да го сочуваме сето ова што е убаво и оплеменето “, рече градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

ЈП „Комуналец“ располага со доволен број човечки ресурси и со капацитет за сопствено производство, така што резултатот од обновените пластеници сега е видлив низ градот.

„Многу се позитивни реакциите на граѓаните и добивме наплив од барања да биде уреден просторот пред нивните згради и во сите населби. Цветниот расад, сепак го поставуваме на места каде што веќе функционира системот „капка по капка“, поставен годинава, на сите локации каде што имаме нови цветни површини, затоа што само вака успешно ќе се зачуваат цветните насади. Разгледуваме и дополнителни простори со дополнителни површини каде што ќе може да поставиме ваков систем, а потоа и да продолжиме со засадувања. Намерата ни е да го прошириме пластеничното производство следната година и да направиме нова соработка со граѓаните, за да можат да подигнуваат цвеќиња во одредена количина од кај нас“, посочи директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.

Досега со оваа акција е опфатен паркот кај Градскиот часовник кој речиси доби нов лик преку идејните решенија и цветните леи, цветно се аранжирани жардиниерите околу Безистенот и тамошниот кружен тек, преуреден е хортикултурно просторот пред Центарот за култура со поставување на нови дрвја, нова трева и цветни аранжмани. На Широк Сокак се поставени жардиниери со сезонско цвеќе, а канделабрите се декорирани со висечки саксии и соодветни цвеќиња. Во кружниот тек кај Веро соодветно се поставени дизајнирани цветни аранжмани.