ЦАРОВСКА И ПЕТРОВСКА НА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА

ЦАРОВСКА И ПЕТРОВСКА НА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА

Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола. На состанокот разговараа за текот на наставата со физичко присуство во услови на пандемија, за реформите во основното образование и за процесот на унапредување на средното стручно образование.

„Пред нас е учебна година која на најголема радост на учениците ја започнавме со физичко присуство, но и година во која имплементираме целосно нови наставни програми во прво и четврто одделение. Досега целиот овој процес тече според предвидениот план и динамика за што сте заслужни вие директорите и локалните самоуправи кои посветено работевте навреме да ги подготвите училиштата и да ги обезбедите потребните услови со цел да имаме успешна учебна година. Би сакала да се заблагодарам и на наставниците кои ги поминаа потребните обуки и веќе се прилагодуваат на новиот концепт. Исто така, сите заеднички продолжуваме будно да ја следиме состојбата со Ковид во училиштата, која за сега е стабилна и верувам дека со доследно почитување на мерките училиштата ќе останат безбедни и што подолго отворени за учениците”, рече Царовска.

Градоначалничката Петровска посочи дека е направен голем исчекор во образовните институции во градот.

„Училиштата веќе имаат поинаков изглед, поинакви услови за работа на наставниот кадар, како и подобри услови за настава на учениците, со соодветни нагледни средства. Реагирано е соодветно и со финансиски средства и со секаков вид на поддршка која што општината може да ја понуди, за квалитетен образовен процес“, истакна Петровска.

Директорите на состанокот рекоа дека сите предизвици ги решаваат брзо и одговорно, бидејќи нивен приоритет е учениците и наставниците да имаат соодветни услови и ресурси за непречена настава. Тие истакнаа дека планот и протоколите се почитуваат доследно и дека процентот на заразени ученици и наставници во битолските училишта е мал. Директорите на основните и на средните училиштата потврдија дека ги имаат сите потребни ресурси за брзо преминување кон онлајн учење, ако има некаква одлука за истото. Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата на дневно основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 % од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Исто така, над 72% од наставниот кадар, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.