Во кабинетот на градоначалничкат на Општина Битола м-р Наташа Петровска, во работна посета престојуваше н.е. францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, во придружба на почесниот конзул на оваа земја во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ.
Амбасадорот Тимоние изрази благодарност за помошта која Општина Битола сесрдно ја дава при реализација на сите културни настани во кои учествуваат гости од Франција, како што беше последниот пример со ИФФК „Браќа Манаки“. Исто така, амбасадорот изрази задоволство од реализираната посета на општинската делегација и учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Епинал, кои преку изложбата и одличното говорење на францускиот јазик ја претставија Битола. Тој ја потенцираше соработката на учениците и со регионот на Долна Нормандија во Франција, од која веќе произлегуваат конкретни видливи резултати. Проектите, патувањата и потпишувањето на меморандум помеѓу Француската амбасада и гимназијата, како и реализирањето на изучувањето на францускиот јазик во ОУ „Кирил и Методиј“, придонесува во зголемување на бројот на лица кои го изучуваат францускиот јазик.
Градоначалничката Петровска ја поздрави посетата на амбасадорот, кој во повеќе наврати ја дал својата поддршка на градот Битола не само со своето присуство, туку и со конкретна помош при реализација на одредени проекти. Таа го запозна со тековните проекти на меѓународна соработка во различни области.
На средбата се разговараше и за натамошно продлабочување на соработката и поддршката од страна на Француската амбасада, не само во полето на културата, туку и во полето на реализација на конкретни проекти од областа на животната средина и економскиот развој на Битола.