ФОРМИРАНА ПРВАТА РЕГИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА МЛАДИ

ФОРМИРАНА ПРВАТА РЕГИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА МЛАДИ

Денес, во зградата на IWconnect во Битола, се одржа свечено потпишување на Меморандум за воспоставување на првата регионална Платформа за млади во која членуваат 18 субјекти, односно 9 општини од Пелагонискиот регион и 9 организации. Платформата се формира во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, којшто го имплементира Про Локал, организација од Битола, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија, преку програмата „Матра“. Присутните на настанот ги поздрави и градоначалникот Тони Коњановски, нагласувајќи:

„Велат нема поубаво од тоа да се дружиш со млади, од нив секогаш ќе научиш нешто ново!

Тоа го знам и од лично искуство! Токму затоа сакам да изразам голема благодарност и до тимот на Про Локал кои денес се наши домаќини и кои заедно со уште 8 локални организации и искрената поддршка од Амбасадата на Холандија се причината заради која веќе 3 години се дружиме со младите од 9 општини, дебатираме, практицираме демократија, зборуваме за теми кои се важни за нив но и за нас повозрасните, бидејќи нема поголема вистина од онаа која вели: Светот останува на младите!

Морам да истакнам, дека во рамките на овој проект, ние општините, бевме многу среќни и опуштени во соработката со младите! Се радуваваме на секој нивни предлог, бевме присутни на секоја работилница на која бевме поканети и искрено се вложивме да им ја олесниме комуникацијата со нашите локални самоуправи разбирајќи дека за младите тоа некогаш е предизвик, тоа е бирократија и енергија.

Се надевам, а и ветувам дека силно ќе се посветиме да не ја заробиме нивната креативност и енергија во нашите обрасци, формулари и прописи! Токму таа е и смислата на Регионалната Платформа за млади која еве денеска и формално ја почнуваме.

Сите ние од Пелагонискиот регион, 9 Градоначалници и 9 општински Совети ги отвораме ширум вратите за младите, и ги покануваме младите преку своите граѓански организации, но и лично, да ни пристапат во ова здружување да работиме заедно, да ги мапираме предизвиците со кои се соочувате вие – младите и да си дадеме шанса да ги надминеме.

Имаме кој да не води низ процесот, тука е Про Локал но и сите организации во регионот кои работат со млади, да покажеме дека младите знаат кои се проблемите но ги знаат и решенијата!“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред присутните.

Проектот се имплементира повеќе од две години, а во него се вклучени над 100 млади од цел Пелагониски регион. Одржани се над 1600 активности, кои се во насока на зајакнување на младите, како: работилници, семинари, дебати, но и реализација на мали инфраструктурни проекти, кои се кофинансирани од проектот, но и од деветте локалните самоуправи.