ФИНАНСИСКИ МОЖНОСТИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТИ ВАЖНИ ЗА БИТОЛА – ТЕМА НА ДЕНЕШНИОТ РАБОТЕН СОСТАНОК ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОРАТ ЗА РЕГИОНАЛНА И УРБАНА ПОЛИТИКА ВО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ВО БРИСЕЛ

ФИНАНСИСКИ МОЖНОСТИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТИ ВАЖНИ ЗА БИТОЛА – ТЕМА НА ДЕНЕШНИОТ РАБОТЕН СОСТАНОК ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОРАТ ЗА РЕГИОНАЛНА И УРБАНА ПОЛИТИКА ВО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ВО БРИСЕЛ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски, денес имаа состанок со Тим лидерот Жил Кител и неговите соработници Надин Лакхал, Габи Хагмулер, Клаудија Форле и Јоргос Еманули од Генералниот директорат за регионална и урбана политика во Европската комисија во Брисел. На состанокот, се разговараше за повеќе важни теми, поврзани со можностите кои се отворени за општина Битола, а се однесуваат на аплицирање и реализација на проекти, кои може да бидат финансирани од Европските фондови и конкретно условите кои произлегуваат од Инструментот на претпристапниот центар за компетенции макро региони и европска територијална, транснационална и меѓурегионална соработка.

Градоначалникот Коњановски и секретарот Димитровски, ги запознаа претставниците на директоратот со приоритетните проекти на локалната самоуправа во делот на економскиот развој, подготовките за зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти во услови на енергетска криза, со посебен акцент на воспитно – образовните институции, како и активната насоченост кон подобрувањето на инфраструктурата во урбаниот и руралниот дел на општината.

Имајќи предвид дека, регионалната политика на ЕУ е инвестициона политика, која поддржува создавање на работни места, конкурентност, економски раст, подобрен квалитет на живот и одржлив развој, претставниците на директоратот, информираа за повиците, кои наскоро ќе бидат отворени во рамките на Европскиот фонд за регионален развој, Кохезиониот фонд и Европскиот социјален фонд, а каде општина Битола, може да аплицира со изготвена проектна документација.

На средбата се разговараше и за подготовката на новиот стратешки пристап во креирањето на програмите за прекугранична соработка, програмите поврзани со градење и зајакнување на капацитетите за реализација на проекти, а претставниците на општина Битола, беа информирани и за можноста за добивање на финансиска поддршка од Фондот за директно финансирање.

На работниот состанок, беше заклучено дека, со добра проектна подготвеност, општината има отворени можности за финансиска поддршка и реализација на повеќе проекти од посебна важност, кои се однесуваат на прашања поврзани со надлежноста на локалната самоуправа.