Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес информираше за новогодишната програма „Зимска приказна“, која од утре до 31 декември, ќе се реализира во Битола и ќе трае 8 дена на 3 локации, каде ќе бидат претставени 62 проекти. Програмата вклучува соработка на локалната самоуправа, јавните претпријатија, културните институции, бизнис секторот, невладиниот сектор и изведувачите од домашната музичка сцена. Дел од предновогодишното празнување, е и богатата детска програма.
Интегрален текст од денешната прес конференција на градоначалникот Тони Коњановски:
„После минатогодишната успешна „Зимска приказна“, која ја организиравме за првпат, а предизвика голем интерес пред се кај нашите сограѓани, битолчани, но привлече и голем број гости од повеќе градови низ државата, годинава во пресрет на Новата година, го организираме второто издание на нашата Новогодишна „Зимска приказна“.
И покрај големите предизвици со кои сме соочени, од аспект на економската и енергетската криза, успеавме да овозможиме како што се практикува на нашите простори, градот да блесне во новогодишен сјај, во пресрет на Денот на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“, или како што вели традицијата: новогодишната магија да владее во периодот на големите празнувања од „Свети Никола“, до „Водици“, што претставува доволно време за да се почувствува радоста во градот, а притоа да дејствуваме согласно ограничувањата кои ни ги наметнува состојбата на кризата.
Со добро планирање и благодарение на поддршката од нашите креативни соработници, употребивме дел од новогодишните украси кои се добро сочувани, набавивме неколку нови елементи и за разлика од минатата година, кога имавме една украсена локација, годинава новогодишната светлина блеска кај Офицерскиот дом, низ Широк Сокак и во Старата битолска чаршија. Верувам дека догодина, ќе опфатиме и други локации, со кои Битола, предновогодишно ќе биде се поубава.
Од утре, официјално започнува и програмата на „Зимска приказна“, која токму на трите локации кои ги споменав, ќе овозможи забава за сите генерации.
За првпат со новогодишна програма ја раздвижуваме Старата битолска чаршија, а настаните во тој дел ќе се случуваат на пешачката улица.
Оваа „Зимска приказна“, има уште една специфика, која говори за големиот чекор напред и воспоставеното партнерство на локалната самоуправа со бизнис секторот, претставуван од неколку поголеми деловни субјекти, но и угостителскиот сектор, невладиниот сектор и изведувачите од домашната музичка сцена.
Како резултат на ваквата соработка, Битола, ќе има „Зимска приказна“, 8 дена, исполнета со 62 проекти на 3 локации со 300 часови активна програма, музика од сите жанрови, детска музика и детски театарски претстави, улични перформанси, новогодишен базар.
ОФФ програмата ќе има улични музички перформанси на Широк Сокак и пратечка ДЏ програма низ битолските кафулиња.
Утре, започнуваме со пладневна програма, во која покрај настапот на КУД Стив Наумов, ќе имаме и програма за најмладите. На Широк сокак, ќе настапат ученици од Државното музичко училиште, а во вечерните часови ги имаме танцовиот клуб Еxpose , Дувачкиот оркестар на Битола и групата Гром.
Во следните денови, дел од нашата „Зимска приказна“, ќе бидат и Групата „Фонтана“ со Џамбо Агушев, Даница Крстиќ и Ангел Демирев, Групите Деспина, Боеми, Битолски чалгии, Фолтин, Паркети, КОД 369, Виктор Апостоловски, Камерниот оркестар на Битола, за најмладите „Светот на Биби“, детската претстава „Зимска приказна“ и уште многу други содржини, се до 31 декември кога новата година ќе ја дочекаме со Лусент, Љубојна и Исмаил Лумановски, Никола Зацески и групата „Мелем“.
Сакам да ги поканам сите сограѓани, да бидат дел од „Зимската приказна“ на Битола. Заедно да ја раздвижиме Старата битолска чаршија, да ги исполниме Широк Сокак и Платото пред Офицерскиот дом.
Голема благодарност до сите соработници, меѓу кои морам да ги споменам и јавните претпријатија, културниот и информативен центар, Народниот театар, Центарот за култура и сите други поддржувачи, кои овозможија „Зимската приказна“, да добие ваква форма.
Битола заслужува култура, а низ културата градот живее со полна енергија, токму каква што му доликува.
Тоа го докажавме во текот на целата година што изминува низ сите фестивали кои ги поддржуваме, преку Бит Фест, Браќа Манаки, Илинденски денови, Интерфест, Музика од светот, Програмата по повод Денот на ослободувањето на градот и многу други манифестации, а ќе го заокружиме со „Зимската приказна“ и дочекот на Новата година, во која верувам дека ќе бидеме уште поуспешни во сите области во наша надлежност, во кои отпочнавме вкупно 65 нови проекти, во вредност од една милијарда денари“, рече градоначалникот Коњановски, на денешната прес конференција.