УСАИД И ОПШТИНА БИТОЛА РЕНОВИРААТ ДЕЛ ОД ОУ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“

УСАИД И ОПШТИНА БИТОЛА РЕНОВИРААТ ДЕЛ ОД ОУ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“

Деновиве активно се работи на уредување на една од зградите во О.У. „Гоце Делчев“ во Битола. Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, на терен ги регистрираше новите промени во училиштето и текот на реновирањето.

Директорката на училиштето Билјана Стојковска ја запозна градоначалничката со тековниот проект, во кој, со средства од УСАИД, во зградата се врши замена на внатрешната столарија, односно 8 врати во тоалетите, 11 врати во училниците, како и надворешната влезна врата. На површина од 275 квадратни метри, во училниците ќе биде поставен епоксиден под. Исто така, во тек е реновирање на санитарните јазли во тоалетите, водоводната инсталација,  дел од ѕидовите ќе бидат поплочени со керамички плочки, а тоалетите ќе бидат комплетно опремени со нова санитарна опрема.

Градоначалничката Петровска истакна дека општината во многу голема мерка се залага за помош на училиштата, во кои со години наназад не било ништо вложувано, а дел од нив се наследени во катастрофална состојба. За овој проект, Општина Битола издвои околу 129.000 денари, за склучени договори со изведувачот Октагон-Стар од Скопје, надзорот, демонтажа на керамичките плочки од ѕидовите, таваните, како и демонтажата на врати. Со средства од општината се изработија и дел од активностите во санитарните јазли. Ова е само еден од проектите во кои вложува општината, со цел да се подобрат условите за настава на сите ученици во Општина Битола.