Во Битола денес започна процесот на целосна трансформација на Домот за доенчиња и мали деца во Битола во пет мали групни објекти, кои што на 27 деца до тригодишна возраст им нудат топлина на семеен дом. Проектот е реализиран од Министерството за труд и социјална политика и партнерите УНИЦЕФ, Британската амбасада и Општина Битола. Градоначалничката на Битола Наташа Петровска го поздрави процесот на деинституционализација и истакна дека еден дел од поранешниот дом за доенчиња ќе биде пренаменет во детска градинка.
„Денес е сончев ден за Битола, затоа што се згрижува една ранлива категорија, а тоа се децата без родителска грижа. Посебно им се заблагодарувам на Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ, Британската амбасада и вработените во Домот за деца без родители. Особено се заблагодарувам на Министерството кое ни отстапува дел од Домот за да може да биде искористен и пренаменет за детска градинка. Капацитетите за градинки ни се и тоа како потребни во овој период”, изјави Петровска.
„Навистина ми е драго што денеска токму од Битола, можам да ја споделам оваа убава вест и уште еднаш да ја потврдам заложбата на Владата дека секое дете ни е важно и треба да има еднаков старт во животот, да го добие потребното внимание, грижа и љубов. Процесот на вадење на сите деца од институциите ќе го завршиме една година порано од предвидениот рок. Во 2017 кога го почнавме процесот имавме 180 деца во институции. Сега ни останаа само уште 11 деца постари од три години и тие до крајот на годината ќе бидат исто така згрижени во топол дом. Грижата за децата ја продолжуваме со многу поголема посветеност и љубов бидејќи раниот детски развој е клучен за понатамошниот развој на децата”, изјави министерката Мила Царовска која денес беше во посета на петте мали групни домови во Битола.
Партнерите во проектот, посочија дека преку процесот на деинституционализација и со правилна посветеност може да се изгради позитивно и инклузивно општество базирано на вредности.
„Овој процес е дел од целокупната заложба на Обединетото Кралство за поддршка и подобрување на политиките и праксите за социјална кохезија и прифаќање на различностите во Северна Македонија. Во Битола ова е четврта по ред институција која што ги деинституционализира децата од гломазните установи“, рече амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галуеј.
„Честитки до Владата за оваа историска реформа – за првпат во поновата историја нема ниедно бебе или дете под три години сместено во голема институција. Но, за да се одржи успехот на оваа реформа, ќе бидат потребни постојана заложба и средства“, истакна претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.
Директорката на домот Елена Николовска посочи дека 24 часовна грижа и поддршка за децата ќе обезбедуваат 30 негуватели и 4 стручни работници. Ниту едно лице не остана без работа, туку напротив бројот на вработени ќе се зголемува.
„Овој облик на грижа не значи само поквалитетни просторни и физички услови во кои живеат децата. Уште посуштински, работата во групниот дом ќе им овозможи на колегите индивидуален пристап кон секое дете, согласно со неговите желби и потреби“, рече Николовска.
На почетокот од 2020 година ќе започне да функционира регионален Центар за поддршка на згрижувачките семејства, како и други услуги предвидени со Законот за социјална заштита. Со последите 5 мали групни домови во Битола. бројот на малите групни домови во земјава е 17.