Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денес имаше работен состанок со министерот за финансии во Владата на Република Македонија, Драган Тевдовски. На средбата беше разговарано за актуелните состојби и идните можности за соработка помеѓу локалната и централната власт.
„Денес имавме можност да имаме работна средба со Министерот за финансии, да разговараме околу состојбите од финансиски аспект, со што дојдовме до заклучок дека и во следниот период треба да продолжиме синхронизирано да делуваме, централната заедно со локалната власт, за справување со тековните, затекнатите проблеми со кои се соочува Општина Битола. Верувам дека и во идниот период ќе имаме исто така, плодотворни средби“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Градоначалничката Петровска и Министерот Тевдовски, се сретнаа и со стопанствениците од Регионалната стопанска комора, со цел да се слушне гласот на стопанствениците, нивните потреби, како и можностите кои ги нуди централната власт. Министерот Тевдовски, ги нагласи и придобивките за државата од влегувањето во ЕУ и НАТО.
„Свесни сме за наследените проблеми кои ги има Битола, наследени од претходната власт и зборуваме за начините како може да се поддржи на централно ниво, бидејќи ние имаме волја и сакаме Битола да се гради, пред се за младите да останат тука. Во оваа прилика сакам да дадам и една порака, дека е важно Македонија да биде Европска, да оди напред, да се интегрираме во НАТО и ЕУ, бидејќи тоа ќе значи пред се младите да останат тука, да имаат перспективи и можности да работат. Членството во НАТО, ќе има економски бенефити за Македонија: НАТО – значи безбедност, сигурност, тоа е најмоќната воена Алијанса, тоа е најважно за инвеститорите, кога носат одлуки дали да инвестираат, да вложат пари, ако знаат дека овде има таква безбедност, ако НАТО е присутно и ние сме дел од НАТО. Тоа значи дека ќе има прилив на странски инвестиции, а искуството од земјите во регионот покажува дека, на пример во Бугарија, ако ги гледате странските инвестиции пет години пред и после влезот во НАТО, се зголемени некаде од 9% на 19,7% од БДП, слично во Црна Гора, биле дуплирани, а сето тоа влијае, економијата да има повисок економски раст, односно повеќе да се инвестира, да се отвораат нови работни места, граѓаните да добиваат работа, а тоа ќе го овозможи и еден од приоритетите на оваа Влада, таа конкуренција да отвора нови работни места, а ќе прави притисок и платите да растат“, изјави Министерот за финасии во Владата на Република Македонија Драган Тевдовски.
Министерот Тевдовски, потсети на досегашната поддршка од ЕУ, посебно преку поддршката од Европските фондови, која на годишно ниво изнесува околу 90 милиони евра и овозможува градење на патишта, пречистителни станици како и реализација на други проекти. Со членството на нашата држава во ЕУ оваа поддршка ќе расте, а со тоа ќе се зголемуваат и инвестициите во државата.