Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари работна средба со Амбасадорот на Народна Република Кина, Н.Е. Џанг Ѕуо и претставници од Амбасадата на Кина во Македонија. На средбата се разговараше за долгогодишното пријателство помеѓу двете држави, како и за можностите за понатамошна соработка во периодот кој следува, со посебен акцент на економската соработка со Битола.
Во овој контекст, беа потенцирани можностите за соработка преку поддршка од кинеската амбасада во делот на инвестиции во проекти за инфраструктура, култура, туризам, едукација и индустрии каде и двете земји ќе имаат заеднички бенефит.
Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, споменувајќи ги досегашните реализирани донации од страна на амбасадата и потенцијалот за заедничка соработка, ја истакна и поддршката која Кина е подготвена да ја даде за обука на човечки ресурси за што имаат листа на достапни бесплатни обуки, а во моментот реализираат и проект за инвестиција во образованието, креирање на едукативна мрежа, како и други проекти поврзани со здравство и социјална заштита.
Градоначалникот Коњановски, ја посочи веќе започнатата иницијатива за формирање и промовирање на паралелки за изучување на кинескиот јазик во Битола, во соработка со институтот Конфуциј и додаде дека силно ја поддржува културната размена, нагласувајќи дека во оваа област во Битола, може да се реализираат и настани, преку кои ќе бидат прикажани кинеските традиционални вредности во уметноста, со учество на гости од Кина.
Коњановски го истакна и постоењето на млад и висококвалификуван кадар со кој располага Битола во ИТ секторот, како и потребата од високиот технолошки развој на Кина при развивање на софтверски решенија и смарт решенија во сообраќајот и осветлувањето. Во врска со ова, амбасадорот Ѕуо, рече дека Кина брзо се развива и дека нивното искуство може да се искористи особено во делот на инфраструктура (искуството на Синохидро), како и креирањето на идејни решенија за Smart City (искуството на Huawei). Кинескиот амбасадор, со цел развивање на подобри односи помеѓу претпријатијата, ги покани фирмите од Битола да учествуваат на двата најзначајни кинески саеми: Нингбо и Шангај.