СПОГОДБЕНО РАСКИНАТИ ДОГОВОРИТЕ СО ПРЕВОЗНИЦИТЕ

СПОГОДБЕНО РАСКИНАТИ ДОГОВОРИТЕ СО ПРЕВОЗНИЦИТЕ

Општина Битола донесе одлука да ги раскине договорите за општински линиски превоз и за превоз на учениците со линискиот превоз. Согласно одредбите од договорите, даден е отказен рок од три месеци, во кој период повторно ќе се организира повик за општинскиот линиски превоз.

„Постоечките договори за линиски превоз имаат член кој што овозможува било која страна, дали Општина Битола или самите превозници во отказен рок од три месеци, предвремено да ги раскинат договорите. Општина Битола во текот на вчерашниот ден пушти допис до сите превозници, со кој што запона периодот на предвремено раскинување на договорите. Во следниот период она на што работиме е подготовка на нов повик, кој што ќе биде дефиниран со нови критериуми, кои ќе поминат на седница на Совет. На тоа работи цела комисија во Општина Битола, се одржуваат и контакти со превозниците. По сите анализи, ќе се одредат критериумите во интерес на многу поорганизиран и подобар певоз во Општина Битола“, рече градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.

Општина Битола останува на ставот дека ќе им ги рефундира средствата на учениците, по веќе одредените законски одредби.

„На учениците им беше кажано да ги чуваат билетите, а и на директорите им беше соопштено, дека билетите им се потребни на учениците за да докажат дека користеле јавен превоз за да дојдат до образовните институции. Се друго останува нешто што не може да се покрие согласно законските одредби, така што би рекла дека не е точно дека учениците не беа информирани. Им беше кажано и на директорите, директорите им кажаа на учениците, а колку тие биле педантни во чувањето на билетите, не би можела да кажам. Меѓутоа, само така може да се изврши рефундирање, за да не бидат злоупотребени средства од буџетот на Општина Битола“, посочи Петровска.

На новинарско прашање каде се автобусите кои од ЈСП Скопје и беа позајмени на Општина Битола, Петровска одговори дека тие автобуси беа позајмени, со цел да се одговори на потребите во тој критичен период.

„По надминувањето на таа ситуација, ценевме дека истите нема потреба да престојуваат во нашата општина и да носиме одговорност за нив, па ги вративме по договор како што го имавме при самото однесување на автобусите“, истакна грaдоначалничката Наташа Петровска.