СО ПОВЕЌЕ НАСТАНИ ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА РОМИТЕ

СО ПОВЕЌЕ НАСТАНИ ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА РОМИТЕ

Со културни, спортски и едукативни настани, во организација на повеќе здруженија и во соработка со општината, во Битола, се одбележа Меѓународниот ден на Ромите.

На 6 април, Здружението за развој на ромската заедница “Сумнал“, во  кафе-бар “Порта Џез“ одржа настан насловен “Биди и ти како…“ на кој присуствуваа млади од ромска, но и други националности, кои дадоа пример за меѓусебното дружење, школување, но и соработка на разни проекти. На настанот, учество зедоа млади Роми кои придонесуваат во нашиот град и претставуваат примери за успешност на младите луѓе. За време на настанот, претседателката на здружението „Сумнал“, Фатма Бајрам Аземоска, му врачи благодарница на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, за особен придонес кон развојот на ромската заедница во Битола.

Вчера, во склоп на проектот БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Роми, имплементиран од страна на италијанската меѓународна организација COSV, Општина Битола, и Фондација Преда плус, а во соработка со „Ромалитико“ и фудбалскиот клуб „Топ Гол“ од Битола, беше организран Фудбалски турнир на машки и женски екипи. Турнирот со кој се поттикнуваат спортски активности кај ромското население го отвори, заменик градоначалникот на општина Битола, Бојан Бојкоски.

Денес, точно напладне во организација на Здружението „Ромска ѕвезда“, на Плоштадот Магнолија, се одржа културно – забавна програма со голем број учесници. Настанот го отвори, градоначалникот Коњановски, испраќајќи искрени честитки до ромското население и посакувајќи уште многу заедничка и успешна соработка во повеќе области:

„Ми претставува чест и задоволство да го честитам Меѓународниот ден на Ромите, а со овие настани го потврдуваме она што со години го промовираме, дека Битола е мултикултурна, мултиконфенсионална, дека во Битола, пријателите и луѓето не ги делиме ниту по боја, ниту по политичка припадност. Имаме свои пријателства уште од рано детство, но и нови кои секојдневно ги стекнуваме. Како општина, правиме се да ги подобриме условите и за овие наши сограѓани, како во делот на инфраструктурата, така и во делот на образованието, да спречеме сегрегација и меѓусебни поделби, односно, она што мојата генерација го имаше некогаш, да се биде со своите другари во исто одделение, тоа треба и понатаму да го промовираме, зошто само заеднички можеме градот да си го промовираме во најдобро светло“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, испраќајќи искрени честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите.

Општина Битола, во рамките на повеќе проекти и во соработка со повеќе здруженија, овозможува поддршка за различни активности и проекти, меѓу кои се и: реновирање на домаќинства на ромското население, ангажирање на тутори за поддршка на ученици Роми, како и поддршка за дооформување на средното образование на возрасни лица – Роми.