СО ПАРИТЕ ЗА КУЛТУРА СЕ ПОДДРЖАНИ ВРВНИ КУЛТУРНИ НАСТАНИ – РЕБАЛАНСОТ САМО ЌЕ ГИ НАДОПОЛНИ КВАЛИТЕТНИТЕ СОДРЖИНИ

СО ПАРИТЕ ЗА КУЛТУРА СЕ ПОДДРЖАНИ ВРВНИ КУЛТУРНИ НАСТАНИ – РЕБАЛАНСОТ САМО ЌЕ ГИ НАДОПОЛНИ КВАЛИТЕТНИТЕ СОДРЖИНИ

Цивилизацијата е доминација над светот, но културата е љубов кон светот, рекол познатиот полски филозоф Антони Кемпински. Сакајќи да дадеме повеќе култура како чин на љубов кон своите сограѓани, а не доминација преку (не)цивилизираните постапки, создадовме програма за култура, која одговара на критериумите на жителите на градот под Пелистер, кои отсекогаш биле мерило за познавање на културата и нејзиното вреднување.

Веќе два дена, културата во нашиот град се сатанизира преку разни преписки, обвинувања, па и предупредувања дека „културата е една од најкриминогените области во кои Коњановски и ДПМНЕ вршат вистински грабеж на парите на битолчани“. Дел од написите во порталите и одредени партиски соопштенија, во себе содржеа и невистини, кои не само што удираат по угледот на општината, туку претставуваат директна навреда кон градоначалникот.

Програмата за култура на општина Битола за 2023 година, беше изгласана во Советот на општина Битола во вредност од 14.800.000 денари.

За прв пат, минатата година, на најтранспарентен начин, општина Битола објави јавен повик, на кој се доставуваа предлог проекти за активности од областа на културата за 2023 година. Доставените апликации беа основа за креирање на Програмата за култура и планирањето на буџетот. Понатаму, во транспарентна и отворена постапка, со соодветна документација, се избираа изведувачите, од кои најголем дел се домашни. Комисијата за избор и доделување на средствата содржеше и надворешни членови, културни работници, експерти во својата област.  Токму ваквиот пристап, донесе и потреба од промени во планирањето на буџетот. Но, за овој јавен повик, како и за ваквиот начин на транспарентност и давање можност за издигнување на Програмата за култура на едно повисоко ниво, немаше поддршка од страна на советниците од опозицијата.

Во усвоениот буџет за култура, не беа предвидени средства за Зимската приказна, која за воља на вистината, донесе многу радост кај публиката од сите генерации. Во програмата беа застапени речиси сите културни жанрови, наменети од најмалата, до највозрасната категорија. Да потсетиме дека за време на предновогодишните денови и новогодишната вечер, во Битола доаѓаа посетители и уживаа во отворената и бесплатна програма и од други градови. На овој начин се создаде и можност за поголема промоција со цел поттикнување и поддршка на развојот на културниот туризам и организирање на туристички посети на Битола.Во буџетот за култура не влегуваа ставките за озвучување, осветлување, огномет итн, без кои културните настани не би биле комплетни.

Во однос на средствата наменети за традиционалните настани,  за сите досегашни одржани настани манифестациите се исплатени, со исклучок на фестивалот „Илинденски денови“ за кој половина од предвидената сума ќе биде исплатена денес и дел од средствата кон кон фестивалот „Битолино“.

Токму поради наведените околности, уште пред два месеци во Советот беше побаран ребаланс на буџетот за култура, со предвидени 1.700.000 денари за програмата К4 и 2.000.000 денари за програмата К3 од буџетот на општината. Со овие побарани средства и со преостанатите средства од буџетот за култура, општината ќе нема никаков долг кон ниту еден изведувач, за кој што е одобрена апликација за одржување на културен настан. Доколку има промена во ставовите на советниците и се изгласаат овие средства, ќе бидат поддржани сите изведувачи од објавениот конкурс, а средствата се доволни за сите досега реализирани активности од конкурсот и за сите традиционални поддржани настани од општина Битола.

Но, оддолговлекувањето на ребалансот кој беше изгласан  незаконски го предизвика овој застој, по што запреа сите културни манифестации во градот, освен традиционалните, со став дека не требаат пари за култура. Со тоа, не им се даде можност на локалните изведувачи да ја покажат својата креативност во текот на летните месеци и да презентираат култура и уметност. Не им се даде можност ниту на други уметници да презентираат културни настани. Затоа пак, во недостаток на настани со вистинска културна вредност, на граѓаните, туристите и бројните гости од целиот свет, кои престојуваа ова лето во Битола, им се сервираше турбо фолк, или содржини без културно значење.

Битола отсекогаш била и ќе биде град во кој културата и уметноста имаат своја вредност, а ние сите заедно треба да оставиме белег, создавајќи ги вредностите. Токму затоа, во духот на својата транспарентност и отчетност, општина Битола ги објавува досегашните исплатени средства на сите поединци и установи на следниот линк, со цел битолската јавност, вклучително и советниците, да знаат каде, кому и за што се исплатени средствата од буџетот за култура на општина Битола.

https://www.bitola.gov.mk/wp-content/uploads/2023/08/Izvestaj-kultura-2023.pdf