СО „МАРШ НА ЖИВОТОТ“ СЕ ОДБЕЛЕЖАА 76 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ВО БИТОЛА

СО „МАРШ НА ЖИВОТОТ“ СЕ ОДБЕЛЕЖАА 76 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ВО БИТОЛА

Кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска беше претесен утринава да ги прими сите гости од делегациите кои деновиве престојуваат во Битола на одбележувањето на 76 годишнината од депортацијата на битолските Евреи во логорот Треблинка. Овој чин кој се случи на 11 март 1943 година, ги зеде сите еврејски семејства од градот, а во спомен на тие жртви на холокаустот, се одржуваат бројни настани.

По посетата на кабинетот на Петровска, делегациите од Израел, Германија и Македонија, предводени од високи државни делегации, положија цвеќе на споменикот пред Центарот за култура, а потоа и пред споменикот на депортираните Евреи пред Домот за народно здравје.

„Се сеќаваме на историскиот настан за да не се повтори, а нашите емоции за тој период обврзуваат да се мотивираме и да направиме нешто повеќе заедно со нашите пријатели од Израел. Сега тука, ако не беа тие немили настани, ќе имавме комшии, пријатели, возрасни и искусни луѓе, а нивните внуци ќе играа со нашите деца“, рече во своето обраќање градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Владината делегација ја сочинуваа министерот за дијаспора Едмонд Адеми, заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски. Во своето обраќање, министерот Адеми истакна дека самиот факт што секоја година се потсетуваме на тешките денови и моменти од пред 76 години, испраќа една симблична порака тоа зло никогаш да не се повтори.

„Секоја година, па и оваа, се потсетуваме на тешките денови и моменти од пред 76 години. Тоа зло никогаш да не се повтори. Македонски и албански семејства во тоа време помагаа колку што можеа да спасат граѓани од еврејската заедница и тие треба да се паметат за секогаш“, посочи Адеми.

Високата израелска делегација, ја предводеше министерот за Ерусалим и за животна средина Зеф Елкин, кој им се заблагодари на битолчани, затоа што ја чуваат меморијата за Евреите. Во делегацијата беше и амбасадорот на Израел во земјава, Дан Оријан.

„Битола долги години беше топол дом на многу Евреи. Но, најладниот и најстрашниот ден во нивниот живот беше на 11 март 1943 година. На тој ден небото беше црно и ја навестуваше темнината. Голема беше неизвесноста на Евреите од Битола и од Македонија. Тешка беше судбината на Евреите во цела Европа, но за жал најтешкото се случи токму тука во Македонија“, истакна Елкин.

По положувањето на цвеќе и на споменикот на народната хероина Естреја Овадија Мара, се одржа Маршот на животот, кој започнувајќи од Домот за народно здравје, преку Широк Сокак, заврши на железничката станица, каде симболично, со полагање на цвеќе на шините, беа испратени пораки на мир, во чест на депортираните над 3000 Евреи, кои со воз заминаа за никогаш повеќе да не се вратат назад во своите домови.