СИНХРОНИЗИРАНИ АКТИВНОСТИ НА ОПШТИНАТА И МЕР ЗА ГАСИФИКАЦИЈА НА БИТОЛА

СИНХРОНИЗИРАНИ АКТИВНОСТИ НА ОПШТИНАТА И МЕР ЗА ГАСИФИКАЦИЈА НА БИТОЛА

Со цел координирано дејствување и синхронизирани активности за реализација на првата фаза од националниот проект за гасификација, градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денес имаше работен состанок со директорот на МЕР – Македонски енергетски ресурси. Директорот Котески, информираше за динамиката со која се одвива реализацијата на проектот, но и за обврските кои ќе следуваат.
„Јас како директор на МЕР – компанија која што е задолжена за градење на националната гасоводна мрежа, имам преземено активности за запознавање на сите општини, кои што се опфатени со првата фаза од Националната гасификација, тоа се вкупно 17 општини, една од тие општини е Општина Битола, за која што, морам да искажам благодарност до градоначалничката и Советот на Општина Битола, за тоа што сериозно ги зафатија забелешките, кои што ги имавме пред почетокот на новата година и определија финансиски средства за проектирање на првата фаза од проектот за гасификацијата, оваа година. Националната мрежа, според договорите кои ги имаме треба да стигне до јануари 2020 година. Но, едно е да се донесе Националната мрежа, а друго е таа да биде функционална. За таа цел, треба да функционираат сите сегменти во општеството кои се вклучени во проектот, а тоа се: општините, министерствата и институциите. Ова треба да биде еден синхронизиран процес, којшто ќе покаже дека институциите во Република Македонија, можат и функционираат координирано и заедно во изработка и донесување на еден проект од национален карактер, изјави Благојче Котевски, извршен директор на МЕР АД Скопје.
Градоначалничката Петровска, потврди дека, општината веќе ги презема потребните мерки, кои се во нејзина надлежност, а се однесуваат на проектот за гасификација на Битола. Во таа насока, во буџетот на Општина Битола, предвидени се финансиски средства кои се однесуваат на подготовки за воспоставување на мрежата за гасификација во општината.
„Паралелно со ова се одвива процесот на поставување на примарната мрежа, што согласно временската рамка на проектот треба да биде за 20 тина месеци. Бидејќи паралелно се одвиваат овие активности, една ваква работна средба е суштински значајна за да бидеме синхронизирани во нашите активности и да имаме ефект и постигнување на главната цел, односно обезбедување на гасоводната мрежа и користењето на гасот во нашата општина. Задоволство ми е, што Општина Битола, предничи меѓу општините во нашата држава и верувам дека во скоро време, тоа ќе го покажеме со финален – краен производ“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Гасификацијата ќе донесе финансиски бенефит за општината, но пред се ќе претставува бенефит за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во општината, рече директорот Котевски, притоа потсетувајќи дека неговите и заложбите на градоначалникот, неодамна уште како советници во Советот на Општина Битола, беа насочени кон алармирање за решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, а во таа насока денес, проектот за гасификација претставува и конкретно делување.
„Ние сериозно си дадовме збор, уште пред 4 години, кога ги видовме бројките до кои што дојдовме како советници, дека ќе направиме се, за да направиме од Битола, една поубава средина, Битола ќе биде град кој што ќе биде пристојно место за живеење и во кој луѓето ќе сакаат да живеат и заболувањата кои ги имаат граѓаните во Општина Битола и кој се последица од атмосферското загадување да бидат минато. Не е само бенефитот на финансискиот дел кој што ќе го имаат граѓаните. Бенефитот е и врз здравјето на граѓаните на општината. Гасот, како енергенс ќе допринесе и Општина Битола да стане поатрактивна за инвестирање, а со тоа отворање на нови работни места, а со тоа и зголемување на стандардот на живот во Општина Битола“, додаде директорот Котески на денешната прес конференција.