СЕ РЕШАВА ЗАТОПЛУВАЊЕТО ВО СПОРТСКАТА САЛА „БОРО ЧУРЛЕВСКИ“

СЕ РЕШАВА ЗАТОПЛУВАЊЕТО ВО СПОРТСКАТА САЛА „БОРО ЧУРЛЕВСКИ“

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, престојуваше во работна посета на Општина Битола. На средбата со градоначалничката Наташа Петровска, разговараа за тековните активности на реновирањето на спортските објекти во градот, како и за поддршката која од страна на општината ја добиваат спортските клубови.

Тие ја посетија Спортската сала „Боро Чурлевски“, при што Мојсоски потенцираше дека ова е една од петте спортски сали во земјава, во која што ќе биде решен проблемот со затоплувањето преку Агенцијата за млади и спорт, во соработка со Општина Битола.

Инаку, во Спортската сала „Боро Чурлевски“ во тек се градежните зафати со кои се изведува целосна промена на кровот, како и целосна промена на дотраената и нефункционална дограма, со што ќе се обезбеди постигнување на енергетска ефикасност на целиот објект, преку проектот „Бенефит“ кој го реализира Општина Битола во рамките на програмата за прекугранична соработка со Република Грција.

Претходно директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски го посети основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“, каде што во име на Агенцијата донираше спортски реквизити за сите спортови, кои се дел од наставната програма на учениците во ова училиште.