СЕ РЕКОНСТРУИРА ЕДНА ОД НАЈОШТЕТЕНИТЕ ДЕЛНИЦИ НА УЛИЦА „ПАРТИЗАНСКА“

СЕ РЕКОНСТРУИРА ЕДНА ОД НАЈОШТЕТЕНИТЕ ДЕЛНИЦИ НА УЛИЦА „ПАРТИЗАНСКА“

Започна реконструкцијата на ул. „Партизанска“ во Битола, на потегот од кружниот тек во Нова Битола, до раскрсницата со ул. „Методија Андонов Ченто“, во должина од 730 метри. Увид во градежните активности изврши градоначалничката Наташа Петровска, заедно со директорите на јавните претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“ Горан Козаров и Методи Силјановски.

„Инвестицијата има вредност од 581.000 евра, од кои 355.000 евра се директно од буџетот на Општина Битола. Главниот канализационен систем на улицата се прави со средства од Министерството за транспорт и врски, останатите водоводни и канализациони приклучоци ги изведуваат јавните претријатија „Водовод“ и „Нискоградба“, а коловозот го има Општина Битола. Станува збор за потег од „Партизанска“ кој беше во исклучително очајна состојба, особено во делот на коловозот кој што граѓаните го поминуваат секојдневно и нивните реакции се потврдија. Санацијата на коловозот ќе даде поинаква слика заедно со целата инфраструктура која што ќе ја обезбедиме. Ова е потврда на она што го најавив кон крајот на ноември и почетокот на декември дека сите проекти кои што сме ги изготвиле со целосна комплетна документација, денес го гледаат светлото на денот. Во Битола  се случуваат низа градежни активности кои покажуваат една сериозна градежна сезона која што е искористена максимално, дури и до овој период. Но, следуваат и други проекти до крајот на градежната сезона“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Градоначалничката се осврна и на состојбата со општинскиот буџет, кој е стабилен и покрај обештетувањата кои општината ги врши како наследени долгови од минатиот период.

„Тоа исклучително ме радува особено во состојба на пандемија, која носи и свои последици. Проекцијата за следниот период во делот на финансиите потврдува дека можеме да се движиме со оваа динамика. Се надевам дека изведувачите ќе го почитуваат рокот за изведба и ќе нема потреба од дополнителна интервенција“, посочи Наташа Петровска.

Пред отпочнувањето на градежните работи, изработен е основен проект за времена измена на сообраќајот на оваа улица, со што истиот ќе се одвива по нов сообраќаен режим.