Дотраени и уништени од забот на времето, 38 излози на објекти од големо културно историско значење во Старата битолска чаршија, конечно го добиваат изгледот кој го заслужува нивната историска вредност, во функција на создавање услови и нови можности за понатамошен развој и напредок од културен, туристички и економски аспект. Проектот за конзервација и реставрација на излози во Стара Битолска чаршија. е во вредност од 3.800.000 денари, субвенциониран од Министерството за економија, согласно програмата за туризам за 2018 година. Општина Битола во изминатиот период ги заврши сите потребни процедури за успешна реализација на проектот и промена на излозите на 16 значајни објекти кои се во сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска ги посети објектите во кои што веќе е завршена замената на дограмата, како и објектите каде што се во тек изведбените активности.
„Битолската чаршија е прекрасна, но навистина имавме мака со дограмата, дуваше од сите страни, особено во зима, кога во Битола темепратурите се многу ниски и со ништо не можевме да го затоплиме дуќанот. Сега, со новата дограма, разликата е веќе видлива и ја чувствуваме промената“, велат сопствениците на објектите сместени покрај реката Драгор во Старата битолска чаршија, на средбата со градоначалничката Наташа Петровска.
Во моментов се работи на промена на излозите на објектот Стара аптека. Досега се поставени 15 нови излози од предвидените 38, а активностите продолжуваат следните денови до комплетна реализација на проектот.