СЕ ЗАСАДУВААТ 1500 ДРВЈА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА

СЕ ЗАСАДУВААТ 1500 ДРВЈА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА

Како значаен чекор за зголемување на урбаните зелени површини и намалување на загадувањето на воздухот, во партнерство помеѓу Општина Битола и проектот „ЕУ за чист воздух“ во Битола се садат 1,500 внимателно избрани видови дрвја. Финансиран од Европската Унија и имплементиран од УНОПС во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, проектот преку акцијата за садење дрвја има за цел да го намали загадувањето и да создаде поздраво опкружување за локалните заедници. Заедничката иницијатива за садење, ја нагласува посветеноста на Битола кон одржлив урбан развој, а е усогласена и со еколошките цели на државата.

„Дрвјата се претходно избрани од стручни лица од проектот, во соработка со вработените ЈП Комуналец во Битола,  а исто така, избрани се и локациите, кои што се од посебно значење за жителите на општина Битола. Проектот, финансиран од Европската Унија и имплементиран од УНОПС во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе даде директен придонес кон намалувањето на еден од најгорливите проблеми за локалното население, а тоа е загадувањето на воздухот, како еколошки здравствен проблем број еден, кај нас и во ЕУ.

Една од заложбите на локалната самоуправа, на која посветено работиме, е да обезбедиме подобра и поквалитетна животна средина за сегашните и за идните генерации. Со проектот „ЕУ за чист воздух“ ќе бидат опфатени големи делови од населбите во Нова Битола, паркот кај Довлеџик, Градскиот парк, влезот во Битола од страната на Прилеп итн. Бројот на садниците ќе даде голем придонес во нашата заложба за поквалитетен воздух, за што сме благодарни до донаторите за реализацијата на овој проект, бидејќи 1500 садници се навистина голема и респектабилна бројка, која докажано ќе даде свој придонес за помало загадување на воздухот во градот.  Со предвидената динамика на засадување, до средината на декември, ќе бидат засадени сите количини на претходно одредените локации, во соработка со вработените во ЈП Комуналец, кои го подготвуваат теренот и ги реализираат засадувањата“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, за време на денешната акција, во рамките на која дрвја засадија и Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер и амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер.

Загадувањето на воздухот е значајно еколошко и јавно-здравствено прашање во земјата, во која се забележани едни од највисоките нивоа на честички PM10 и PM2.5 во Европа. Садењето на 1,500 дрвја во Битола значително ќе помогне во намалување на загадувачките супстанции, ќе произведува кислород и ќе ги разладува урбаните средини – придобивки кои директно ја поддржуваат јавната здравствена заштита и благосостојбата на заедницата. Оваа иницијатива, исто така, ги поддржува пошироките цели за зајакнување на отпорноста кон климатските промени, промовирање на биолошката разновидност и збогатување на екологијата на градот.

„Со секое дрво што го садиме, правиме конкретни чекори кон намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Марко Вујачиќ, раководител на Програмата на УНОПС во Северна Македонија. „Проектот ЕУ за чист воздух е дел од поголема наша посветеност за постигнување трајни еколошки подобрувања, обезбедувајќи почист воздух и поздрави заедници денес и за иднината.“

На денешниот настан за садење дрвја во Градскиот парк во Битола, му претходеше потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Општина Битола и УНОПС. Меморандумот ги дефинира рамките за соработка, која, покрај садењето на 1,500 дрвја во 2024 година, вклучува и активности за намалување на загадувањето на воздухот од системите за греење на четири јавни објекти преку нивно поврзување со Системот за централно греење во Битола, заменувајќи го греењето на нафта со почисти извори на греење и значително намалувајќи ги емисиите на загадувачи на воздухот.

Проектот ЕУ за чист воздух, со буџет од 10 милиони евра, работи  на намалување на штетните емисии преку низа иницијативи за подобрување на квалитетот на воздухот во Битола, Скопје, Тетово и Куманово. Овие активности вклучуваат модернизација на системите за јавно греење, воведување на еколошки јавен транспорт, подобрување на системите за мониторинг на квалитетот на воздухот и проширување на урбаните зелени површини.